на Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на VIII седница, одржана на 21.10.2004 година
ЗАКЛУЧОЦИна Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на VIII седница, одржана на 21.10.2004 година1. Советот на Банката го разгледа и усвои Записникот од VII седница на Советот на Народна банка на Република Македонија.
2. Советот на Банката го разгледа и усвои Полугодишниот извештај, јануари-јуни 2004 година и го констатира следното:
- перформансите во реалниот сектор на економијата постепено се подобруваат. Така, месечната динамика на обемот на индустриско производство (со исклучок на вообичаениот пад во мај), како и зголемениот промет во трговијата и извршените градежни работи индицираат постепено динамизирање на економската активност. Воедно, остварената просечна стапка на инфлација од 0,5% укажува на понатамошно одржување на ценовната стабилност.
- зголемената динамика на надворешно-трговската размена (16%) е генерирана од истовремениот пораст на извозот на стоки (за 11,5%) и увозот на стоки (за 18,6%, делумно како резултат на интензивираниот увоз од Словенија во април 2004 година, како и на намаленото царинско оптоварување на увозот на одредени производи, согласно влезот на Република Македонија во СТО и согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација).
- позитивниот тренд на пораст на новото штедење во банките, намалување на каматните стапки и пораст на кредитирањето на приватниот сектор продолжи и во текот на првата половина од годината.
- во првото полугодие од 2004 година, во централниот државен буџет беше регистриран буџетски суфицит од 638 милиони денари.
Советот на Банката е на мислење дека задржувањето на ценовната стабилност во вториот квартал, како и на стабилноста на девизниот курс укажува на адекватна поставеност на монетарната политика во овој период.
3. Советот на Банката го разгледа и усвои Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2004 година и констатира дека дава целосен и реален приказ на активностите на банкарската супервизија и движењата во банкарскиот систем на Република Македонија во првата половина од 2004 година.
Притоа, од Извештајот се констатира дека во анализираниот период, банкарскиот систем на Република Македонија бележи позитивен тренд во насока на постигнување и одржување на поголема стабилност и ефикасност. Имено, зголемувањето на степенот на финансиската интермедијација на банките во Република Македонија е проследен со намалување на севкупниот ризичен профил на банките, одржување на релативно висока и стабилна солвентна позиција и зголемување на профитабилниот потенцијал на банките. Во таа насока, во текот на првите 6 месеци од 2004 година, кредитната активност на банките бележи пораст за 12,6%, додека вкупниот депозитен потенцијал на банките е зголемен за 8%. Кредитниот ризик како доминантен вид на ризик во работењето на банките, мерен преку показателот за учество на високо ризични пласмани во вкупната кредитна изложеност на банките изнесува 13,8% и бележи намалување за 1,3 процентни поени. Стапката на адекватност на капиталот, како основен показател за прудентно работење на банките изнесува 25,7% и е далеку над пропишаниот минимум од 8%. За разлика од негативниот финансиски резултат искажан со состојба на 30.06.2003 година, банките во текот на првите 6 месеци од оваа година оствариле позитивен финансиски резултат од 221 милиони денари, што условува повисоки и позитивни вредности на основните показатели за профитабилност - ROAA (просечна стапка на поврат на активата) и ROAE (просечна стапка на поврат на капиталот) кои изнесуваат 0,41%, односно 2,46%, респективно.
4. Советот на Банката го разгледа и усвои Извештајот за управување и ракување со девизните резерви на Република Македонија во првото полугодие од 2004 година и притоа констатира дека девизните резерви на Република Македонија на 30.06.2004 година изнесуваа 859,9 милиони САД долари, што во споредба со 31.12.2003 година претставува намалување за 43.50 милиони САД долари. Покрај негативните курсни разлики, намалувањето се должи и на интервенциите на Народна Банка на Република Македонија на девизниот пазар заради одржување на стабилен курс на денарот. Во текот на првото полугодие од 2004 година, со девизните резерви е ракувано во согласност со принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност.
5. Советот на Банката ја разгледа и прифати Информацијата за досегашните активности на Народна банка на Република Македонија во врска со регулирањето на односите со AY Bank Ltd. Лондон.
6. Советот на Банката го разгледа Извештајот за остварување на приходите и извршување на расходите на Народна банка во периодот јануари - септември 2004 година, при што констатира дека во првите девет месеци од 2004 година Народна банка оствари негативен финансиски резултат од 14 милиони денари. Остварените приходи изнесуваат 799 милиони денари или 66,15 % од вкупно планираните. Остварените расходи изнесуваат 813 милиони денари или 69,74% од вкупните расходи утврдени со Финансискиот план за 2004 година. Помалото остварување на приходите се должи пред се на пониските приноси од пласманите во хартии од вредност. Остварениот повисок износ на расходи пред се е резултат на исплатата на судско извршно решение. Проекцијата до крајот на годината, изготвена врз основа на досегашните остварувања и проценките и сознанијата за понатамошните движења, покажува дека е можно финансискиот резултат и на крајот од годината да биде негативен и без расходите на име дополнителни резервации за побарувањата од Експорт Импорт Банка во стечај А.Д. Скопје. Народна банка перманентно презема мерки за зголемување на приходите и намалување на расходите, при што квантифицираните се веќе инкорпорирани во проекцијата.
7. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за краткорочен кредит за ликвидност во крајна инстанца и констатира дека со оваа Одлука се дооформува заштитната мрежа за обезбедување на стабилноста на финансискиот систем преку одобрување на краткорочни кредити на солвентни банки од страна на Народна банка. Народна банка кредитот за ликвидност го одобрува врз основа на високо квалитетно портфолио на хартии од вредност како и врз основа на ликвидни средства кои го минимизираат кредитниот, валутниот и ликвидносниот ризик на централната банка. Во случаи кога банката не располага со предвидените средства за обезбедување на кредитот за ликвидност, постои можност кредитот за ликвидност да се одобри на банки соработнички кои одобруваат ликвидносна позајмица на банката со ликвидносни проблеми.
Одобрувањето на кредитот во крајна инстанца предвидува и превземање на одредени супервизорски мерки чија цел е превземање на корективни активности за надминување на состојбата во која се нашла банката.
8. Советот на Банката ја разгледа Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на Народна банка на Република Македонија и констатира дека со предложените измени и дополнувања се определуваат актите со кои се регулираат правата и обврските на работниците со посебни овластувања и одговорности и постапката за нивниот избор, како резултат на новата организациона поставеност на Народна банка на Република Македонија.
9. Советот на Банката ја разгледа и прифати Програмата за работа на Народна банка на Република Македонија за 2005 година, која опфаќа бројни мерки и активности насочени кон понатамошно подобрување на дизајнирањето и извршувањето на монетарната политика и продолжување на реформите во банкарскиот сектор за да се зголеми неговата ефикасност и да се подобри финансиската интермедијација. Народна банка на Република Македонија ќе презема активности кои се директно во нејзина надлежност, но и ќе иницира активности кои се во надлежност на други институции чија реализација би резултирала со подобрување на ефикасноста на целокупниот финансиски систем во земјата и би создала поквалитетна основа за забрзување на економски растеж.
Гувернер
и претседател
на Советот на Народна банка на
Република Македонија
м-р Петар Гошев с.р.