Најважни макропрудентни инструменти на Народната банка се заштитните слоеви на капиталот и мерките за квалитетот на кредитната побарувачка.
Основна намена на заштитните слоеви на капиталот е зајакнување на солвентната позиција на банките и нивна поголема отпорност на непредвидени загуби во работењето. Станува збор за четири вида заштитни слоеви на капиталот и тоа: заштитен слој за зачувување на капиталот, противцикличен заштитен слој на капиталот, заштитен слој на капиталот за системски значајни банки и заштитен слој на капиталот за системски ризик.
Карактеристично за заштитните слоеви на капиталот е што се надоградуваат над законските барања за висината на адекватноста на капиталот, и капиталните барања врз основа на супервизорска оцена и/или корективна мерка изречена од Народната банка, што значи дека за нивно покривање и одржување банките треба да издвојат дополнителен износ на капитал. Со тоа се јакне капитализираноста на банкарскиот систем како основа за неговата стабилност и сигурност, со што се придонесува за стабилноста на целокупниот финансиски систем.
Мерките за квалитетот на кредитната побарувачка се посебен вид макропрудентни мерки што имаат за цел да ја зајакнат отпорноста и на кредиторисниците, а последователно и на банките, на негативни економски и финансиски шокови. Најчесто се однесуваат на максималниот обем на должничкиот товар на клиентите, и тоа во сооднос со нивните редовни приходи и/или во сооднос со вредноста на обезбедувањето коешто можат да го понудат за кредитите. На тој начин, со овие мерки се делува превентивно, односно се намалува можноста за презадолженост на одделните физички лица клиенти на банките, со што и веројатноста за остварување на кредитниот ризик во портфолијата на банките се намалува. Покрај тоа, при евентуална неможност на клиентите да ги отплаќаат своите обврски, банките се осигуруваат дека воспоставеното обезбедување за одобрените кредити ќе биде доволен и квалитетен извор на секундарна наплата, што, пак, ќе ги минимизира и загубите на банките.