Финансиската стабилност е еден од клучните предуслови за oдржување на ценовната стабилност и постигнување на одржлив економски раст. Се подразбира како состојба во која целиот финансиски систем работи без нарушувања и е способен да издржи неочекувани шокови.
Финансискиот систем се состои од банки и штедилници како депозитни, како институции кои прибираат депозити од јавноста, останати финансиски институции, финансиски пазари и финансиска инфраструктура. Има клучна улога во распределбата на ресурсите во економијата, пред сѐ во насочувањето на заштедите во инвестиции, со што придонесува за економскиот раст и зголемувањето на општата благосостојба. Истовремено, здравиот банкарски сектор е клучен за ефикасно пренесување на монетарните сигнали од централната банка до економијата, со што придонесува за остварување на крајната монетарна цел, а тоа е ценовната стабилност.
Финансиска стабилност постои кога финансискиот систем е стабилен и сигурен во сите негови сегменти. Тоа значи дека граѓаните и бизнисите непречено пристапуваат до платежните и депозитните сметки, плаќањата се безбедни и ефикасни и има достапност до кредити и останатите финансиски услуги. Притоа, системот прудентно ги проценува и управува со ризиците и е отпорен на неочекувани потреси.
Имајќи го предвид значење на здравиот финансиски систем, како и високите трошоци што може да настанат како последица на финансиски кризи, одржувањето на финансиската стабилност е и јавен интерес утврден согласно со закон.
Постигнувањето и одржувањето на финансиската стабилност првенствено се остварува преку спроведување на макропрудентната политика.
Макропрудентна политика опфаќа мерки, инструменти и активности што се насочени кон зачувување на стабилноста на финансискиот систем во целина преку спречување и намалување на системските ризици и зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.
Специфично за макропрудентната политика е што има макро или системски пристап, односно е насочена кон финансискиот сектор во целина или кон негови значајни делови. По ова се разликува од супервизорските и регулаторните политики, коишто се насочени кон одржувањето на стабилноста и сигурноста на поединечните финансиски институции и поради тоа уште се познати како микропрудентни политики.
Покрај системскиот опфат, друга значајна одлика на макропрудентна политика е прудентноста или претпазливоста во делувањето. Ова подразбира предвидливост, односно рано препознавање и откривање на ризиците, но и воспоставување на најдобри практики за процена, управување и контрола на ризиците. Целта на макропрудентните политики е всушност да обезбедат сите чинители на финансискиот систем, односно банките и останатите финансиски институции, внимателно да ги управуваат ризиците и спречат тие да прераснат во системски и со тоа да го загрозат работењето на целиот финансиски систем.
Финансискиот систем може да е особено ранлив на влијанието на системските ризици. Една причина за тоа може да е специфичната позиција на банките да примаат депозити на пократок рок што потоа ги позајмуваат на подолги рокови, неретко и во различна валута, што може да доведе до рочна и валутна неусогласеност во нивните биланси. Друг можен фактор е сложената меѓусебна поврзаност на финансиските институции (на пример преку меѓусебни изложености, концентрација на вложувањата, сопственички удели и слично), што овозможува шоковите брзо да се шират низ целиот систем. И трет фактор е што стабилноста на финансиските институции е под силно влијание на очекувањата и довербата на економските субјекти. Затоа, анализата на системските ризици бара макропрудентнен пристап, односно проширување на фокусот од ризиците што можат да се појават на ниво на поединечни институции кон потенцијалот тие да се прошират на други институции, делови од финансискиот систем или целата економија. Оваа многу сложена задача бара сеопфатен пристап во анализата кој ги обединува домашната економија, финансискиот сектор и глобалните случувања.
Покрај макропрудентната политика, финансиската стабилност е под влијание, директно или индиректно, и на останатите политики, како што се микропрудентната политика, монетарната и фискалната политика. Бидејќи секоја од овие политики влијае врз финансиските и реалните остварувања и врз финансискиот систем како целина, важно е да постои координираност на политиките.