Во последните години, особено по глобалната финансиска и економска криза (од 2007 − 2009 година), одржувањето на финансиската стабилност прерасна во една од најзначајните цели на централните банки и на други национални и меѓународни институции. Кризата јасно покажа како нарушувањата во финансискиот систем може да предизвикаат сериозни негативни последици за финансискиот систем и за економијата, воопшто. И дека за одржувањето на здрав и стабилен финансиски сектор, покрај одржувањето на монетарната стабилност и супервизијата на одделните банки и на другите финансиски институции, неопходен е одделен сет политики коишто ќе обезбедат системски пристап при следењето на ризиците во финансискиот сектор. Овој сет политики е познат како макропрудентна политика, чијашто цел е да придонесе за спречување и намалување на системскиот ризик и јакнење на отпорноста на финансиските институции на шокови, со што се придонесува за одржувањето на финансиската стабилност.

Интересот на централните банки за финансиската стабилност произлегува од нивните примарни цели и функции. Така, за одржувањето на ценовната стабилност, што е основна цел на централните банки, важен предуслов е постоењето на здрав финансиски систем, и обратно. Финансиската стабилност не би била одржлива доколку не постои стабилност на цените. Кај многу централни банки улогата во одржувањето на финансиската стабилност е тесно поврзана со нивната регулаторна и супервизорска функција над банкарскиот сектор, со којашто се придонесува за одржување на сигурноста и стабилноста на поединечните банкарски институции. Финансиската стабилност е клучен предуслов за постигнување одржлив економски раст, што исто така е една од задачите на централните банки. Централните банки делуваат како кредитор во крајна инстанца и вршат надзорна улога над сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платните системи, што се исто така важни функции за одржувањето на финансиската стабилност.

Препознавајќи ја важноста на одржувањето здрав и стабилен финансиски систем, Народната банка уште во 2004 година започна со активности што опфаќаат организациско и институционално  вградување на финансиската стабилност во рамките на нејзиниот мандат. Се воспостави аналитичката рамка и се почна со градење на капацитетите за спроведување на макропрудентната политика. Во 2007 година се објави првиот Извештај за финансиската стабилност за 2006 година, којшто оттогаш се објавува на редовна годишна основа, а подоцна прерасна во законска обврска на Народната банка. Во целиот овој период, Народната банка постојано води грижа и презема активности за намалување на ранливостите и зголемување на отпорноста на банкарскиот сектор, со што придонесува за одржување на финансиската стабилност. 

На 9 август 2022 година, стапи во сила Законот за финансиска стабилност со што се воспостави законска рамка за спроведувањето макропрудентна политика на Народната банка во однос на банкарскиот сектор. Народната банка се грижи за постигнувањето и одржувањето на финансиската стабилност преку спроведување на макропрудентната политика и преземање макропрудентни мерки кон банките, штедилниците и другите финансиски институции на кои им издала дозвола. 

Народната банка ја споделува одговорноста за одржувањето на финансиската стабилност со останатите регулатори на финансискиот систем. За стабилен финансиски систем, важна е стабилноста во сите негови сегменти, коишто се меѓусебно поврзани и изложени на заеднички шокови што може да се прелеат од еден во друг сегмент. Во согласност со Законот за финансиска стабилност, секој надлежен регулатор на финансискиот систем е должен да ги следи и да ги идентификува системските ризици, да определува макропрудентни инструменти и да презема макропрудентни мерки за сегментот на финансискиот систем во негова надлежност. Меѓусебната соработка и координација на активностите на надлежните регулатори се остварува преку Комитетот за финансиска стабилност.

При спроведувањето на макропрудентната политика, Народната банка учествува во работата на Комитетот за финансиска стабилност и во соодветните поткомитети, ја изработува макропрудентна стратегија и соработува и бара податоци и информации од финансиските институции и други надлежни тела и органи. Врз основа на прибраните податоци Народната банка врши редовни анализи и изготвува годишен извештај за финансиската стабилност.

Со измените и дополнувањата на Законот за Народната банка (од април 2024 година), експлицитно се уреди макропрудентниот мандат на Народната банка, во кој како една од задачите на централната банка е спроведувањето на макропрудентна политика и преземањето макропрудентни мерки кон банките, штедилниците и другите финансиски институции на кои им издала дозвола, како и вршењето други активности заради одржување на финансиската стабилност. Притоа, утврдувањето и начинот на примената на макропрудентните инструменти продолжи да биде надлежност на Советот на Народната банка, додека преземањето на макропрудентните мерки (односно определувањето на висината на макропрудентните инструменти) е надлежност на Извршниот одбор кој што беше формиран како орган на Народната банка со овие законски измени и дополнувања.

Закон за Народната банка на Република Северна Македонија 

Закон за финансиската стабилност