НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ ЗА НИВ | Прашања и одговори од областа на супервизијата 

Прашање:
Дали може да се купат банкноти и монети од денари за нумизматички цели?
Одговор: 
Согласно со Одлуката за видот и висината на надоместоците за услугите коишто ги дава Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија" бр. 1/23), книжните пари за нумизматички потреби се продаваат со провизија од 10% од номиналната вредност на продадените пари, а кованите пари за нумизматички потреби се продаваат со провизија од 1 денар по парче.
Лица за контакт:
Далибор Костадиновски тел. 3 108 330, е-пошта [email protected] 
Бојан Цветковски, тел. 3 108 251, е-пошта: [email protected] 


Прашање:
Каде и како може да се заменат оштетени домашни банкноти и монети?
Одговор: 
Замената на оштетени банкноти и монети се врши во деловните банки согласно со Одлука за условите и начинот за снабдување со книжни и ковани пари. Оваа одлука е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/21. Замената на овие пари може да се изврши и во Народната банка, како и замената на парите коишто повеќе не се законско средство за плаќање.


Прашање:
Каде можат да се заменат швајцарски франци кои се повлечени од употреба?
Одговор:
Народната банка не врши откуп и замена на пари деноминирани во странски валути за плаќање. Замената на банкноти од осмата серија на швајцарски франци се врши во деловните банки во земјата. Условите за замена на банкноти кои престанале да бидат законско средство за плаќање ги одредува нивниот издавач, во овој случај Швајцарската Централна Банка. Според нивната објава, временскиот период за замена на швајцарски франци од осмата серија не е ограничен и истите можат да се заменат во Швајцарската Централна Банка, без наплата на провизија.


Прашање:
Како се добива извештај од Кредитен регистар за физичко лице и која е процедурата?
Одговор:
А) Поднесување барање и добивање извештај по електронски пат
Народната банка им овозможи на граѓаните брзо и лесно добивање извештај од Кредитниот регистар, преку Националниот портал за услуги https://uslugi.gov.mk/. Директна врска за да се извади извештајот за кредитната изложеност е https://uslugi.gov.mk/register.nspx. Услугата е бесплатна. За да ја користат оваа услуга, граѓаните ќе треба да се регистрираат на Националниот портал за услуги. Услугата ќе им биде достапна во текот на 24 часа, на македонски или на албански јазик. Извештајот од Кредитниот регистар ги содржи податоците за вкупната кредитна изложеност на граѓанинот заклучно со последниот датум на податоците со коишто располага Народната банка.
Видео-инструкции за добивање на извештај од Кредитниот регистар, по дигитален пат.
Б) Поднесување барање преку архивата на Народната банка 
Извештајот може да го побара физичко лице лично или преку полномошник. Народната банка одговара само на барањата коишто се поднесени во формата пропишана во Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар. Барањата се поднесуваат лично од барателот или полномошникот, преку писарницата на Народната банка, на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр.1, во Скопје, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот.
Повеќе информации за Кредитниот регистар се достапни на следната врска: Кредитен регистар (nbrm.mk)


Прашање:
Која е надлежноста на Народната банка врз финансиските друштва (брзи кредити)?
Одговор:
Народната банка нема надлежност врз уредувањето, работењето и надзорот над финансиски друштва. Министерството за финансии е надлежна институција врз работењето на финансиските друштва.


Прашање:
Дали и како може да се организира посета на Музејот на пари во НБРСМ?
Одговор: 
Музејот на пари на Народната банка е лоциран во приземјето на централната зграда на Народната банка. Тој е отворен за јавноста секој работен ден од вторник до петок, во периодот помеѓу 9 и 15 часот, а влезот е бесплатен. 
За повеќе информации видете на „Најавување на посети“ или пишете барање на е-пошта [email protected] 


Прашање:
Како се закажува посета за финансиска едукација? 
Одговор:
Закажување на предавање за финансиска едукација
се врши со пополнување на формулар (преземи тука).  Пополнетиот формулар испратете го на електронската пошта: [email protected] 







Закажување на предавање за финансиска едукација се врши со пополнување на формулар (преземи тука) https://www.nbrm.mk/baranje-za-e-predavanje-fin-edu.nspx. Пополнетиот формулар испратете го на електронската пошта: [email protected].