на Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на VII седница, одржана на 09.09.2004 година
ЗАКЛУЧОЦИна Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на VII седница, одржана на 09.09.2004 година 1. Советот на Банката го разгледа и усвои Записникот од VI седница на Советот на Народна банка на Република Македонија со предложената измена во ТОЧКА- 2 став 2 алинеја 2 од доставениот Предлог-Записник.
2. Советот на Банката го разгледа Кварталниот извештај II/2004 и констатира дека:
- перформансите во реалниот сектор на економијата претставуваат континуитет на движењата од претходниот квартал. Воедно, остварената просечна стапка на инфлација од 0,5% укажува на понатамошно одржување на ценовната стабилност.
- надворешно-трговската размена забележа пораст од 16%, генерирана од истовремениот пораст на извозот на стоки (за 11,5%) и увозот на стоки (за 18,6%).
- Буџетот во вториот квартал регистрира дефицит од 364 милиони денари, при што кумулативно во првата половина од годината е остварен буџетски суфицит од 638 милиони денари.
- трендот на пораст на новото штедење во банките, намалувањето на каматните стапки и порастот на кредитирањето на приватниот сектор продолжи и во текот на вториот квартал од годината.
Според горенаведените движења, Советот на Банката констатира дека задржувањето на ценовната стабилност во вториот квартал, како и на стабилноста на девизниот курс укажува на адекватна поставеност на монетарната политика во овој период.
3. Советот на Банката го разгледа и усвои Извештајот за остварување на приходите и извршување на расходите на Народна банка на Република Македонија во периодот јануари-јуни 2004 година и ги донесе следните заклучоци:
- остварувањата на приходите отстапуваат од планираните приходи со Финансискиот план за 2004 година;
- потребно е да се превземат мерки за нивно исполнување; и
- мерки за намалување на оперативните трошоци.
4. Советот на Банката донесе Политика на управување и ракување со девизните резерви на Република Македонија. Со Политиката се дефинира управувањето со девизните резерви кое, согласно законските решенија, е во функција на остварување на задачите на монетарната политика и политиката на девизниот курс на денарот и редовно извршување на обврските на Република Македонија кон странство. Со Политиката се утврдува и генералната рамка при ракувањето (пласирање и чување) со девизните резерви преку одредување на критериумите за исполнување на начелата на сигурност, ликвидност и рентабилност.
5. Советот на Банката донесе Одлука со која се формира Кредитен регистар кај Народна банка и се уредува содржината и начинот на неговото функционирање. Со Одлуката се имплементира дел од најновите измени на Законот за Народна банка на Република Македонија со кои Народна банка се задолжува да организира и води регистар на сите кредити кои деловните банки ги имаат дадено на правни и физички лица. Со неа прецизно се утврдуваат видовите на информации кои треба да ги содржи Кредитниот регистар и се уредуваат правата и обврските на Народна банка, деловните банки и штедилниците сврзани со начинот на доставување, обработка и користење на информациите од Кредитниот регистар. Кредитниот регистар претставува инструмент преку кои деловните банки и штедилниците може да добијат податоци за вкупната кредитна задолженост и просечната ризична класификација на правните лица. Информациите од Кредитниот регистар ќе им помогнат на банките и штедилниците полесно да го оценат ризикот при влегување во кредитни и други деловни односи со конкретни правни лица, што од своја страна ќе придонесе за зголемување на сигурноста на секоја поединечна банка и штедилница и за понатамошно зголемување на стабилноста на банкарскиот систем во целина. Унапредувањето на начинот на функционирање на Кредитниот регистар ќе продолжи и понатаму.
6. Советот на Банката донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за задолжителна резерва на банките во денари. Со измените се врши фиксирање на износот на готовината во благајна кој учествува во исполнувањето на обврската за задолжителна резерва, намалување на процентот од обврската кој може да се исполни со готовина во благајна од досегашните 60% на 30%, како и редуцирање на износот на кој се пресметува надоместот на задолжителната резерва за фиксниот износ на готовина во благајна вклучен во исполнувањето на задолжителната резерва. Донесените измени се во функција на натамошно усовршување на ликвидносното управување од страна на банките и Народна банка.
7. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за дополнување на Одлуката за условите и начинот за добивање на дозвола и вршење на менувачки работи. Притоа Советот оцени дека со овие дополнувања се врши усогласување со регулативата која ја пропишува Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело, каде во член 17 е предвидено овластените менувачи да водат посебен регистар за извршените трансакции на износи поголеми од 2.500,00 евра и притоа да ги идентификуваат клиентите со комплетни податоци.
8. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за дополнување на Одлуката за начинот на водење на евиденција за секоја трансакција на брз трансфер на пари и оцени дека со овие дополнувања се врши усогласување со регулативата која ја пропишува Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело каде во член 18 е предвидено овластените субјекти да водат посебен регистар за извршените трансакции на износи поголеми од 2.500,00 евра и притоа да ги идентификуваат клиентите со комплетни податоци.
Гувернер
и претседател
на Советот на Народна банка на
Република Македонија
м-р Петар Гошев с.р.