на Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на VI седница, одржана на 13. 07.2004 година
ЗАКЛУЧОЦИна Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на VI седница, одржана на 13. 07.2004 година 1. Советот го разгледа и усвои Записникот од V седница на Советот на Народна банка на Република Македонија;
2. Советот го разгледа Извештајот за извршената ревизија на финансиските извештаи на Народна банка на Република Македонија за 2003 година од страна на овластените независни ревизори Ernst & Young дооел Скопје и оцени дека:
- финансиските извештаи на Народна банка се изработени согласно меѓународните сметководствени стандарди, со исклучок на примената на меѓународниот сметководтствен стандард 21 во однос на нереализираните курсни разлики што произлегува од постојното решение во Законот за Народна банка;
- законските финансиски извештаи на Народна банка и финансиките извештаи изработени согласно меѓународните сметководствени стандарди од ревизорите се разликуваат. Разликите произлегуваат од нерасчистени или оспорени побарувања врз основа на настани од претходни години. Во едниот случај се работи за произведени и очекувани обврски по основ на менувачки работи извршени во 1996 година - Народна банка е тужена од осигурителните компании поради наводно неоснована наплата на осигурани побарувања. Во вториот случај се работи за оспорено побарување на Народна банка од Експорт Импорт банка од страна на стечајниот управник во јуни 2004 година, а за кое Народна банка мора да издвои 100% резервација на средствата.
Советот го усвои Извештајот за извршената ревизија на финансиските извештаи на Народна банка на Република Македонија за 2003 година и заклучи истиот да се објави на интернет страната на Народна банка.
3. Советот го разгледа и усвои Ивештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2003 година. Притоа оцени дека Ревизорската програма за 2003 година е имплементирана во целост, а дадените препораки се во функција на натамошниот развојот и унапредување на одделните работни процеси во Народна банка.
4. Советот го разгледа Извештајот за извршената непосредна контрола на менувачкото работење на менувачите за период од 01.10.2003 год. до 31.03.2004 год.ина. Притоа оцени дека поголем дел од менувачниците го усогласиле своето работење со законската регулатива што се должи на новата поставеност на подзаконските прописи со кои се регулира надзорот над менувачкото работење од стапувањето во сила на новиот Закон за девизно работење, како и на поставувањето на оваа надзорна улога на Народна банка во рамките на посебен организационен дел со редовни месечни непосредни контроли. Советот заклучи Народна банка јавно да ги објави Регистарот на овластени менувачи како и листата на менувачи на кои им е одземена дозволата.
5. Советот ја разгледа Информацијата за досегашните активности на Народна банка на Република Македонија во врска со регулирањето на односите со AY Bank Ltd. London. Заради зачувување на позитивните ефекти и исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот за ослободување на депозитите потпишан помеѓу Народна банка на Република Македонија и AY Bank Ltd. London, со кој во септември 2002 година Народна банка на Република Македонија ги ослободи своите блокирани депозити, Советот заклучи Народна банка да направи продолжување на гаранцијата, која во 2002 година беше издадена од Deutsche Bank AG London спрема AY Bank Ltd. London, за уште една година, односно до 19.09.2005 година.
6. Советот ја разгледа и донесе Одлуката за изменување на Одлуката за каматните стапки на Народна банка на Република Македонија со која се намали каматната стапка на ломбардниот кредит од 14% на 11%. Притоа оцени дека каматната стапка е утврдена на поблиско ниво до каматните стапки на пазарите на пари и хартии од вредност со што се овозможува поефикасно користење на ломбардниот кредит и управување со ликвидноста од страна на банките. Со ваквата мерка се очекува банките да го подобрат планирањето и профитабилноста на инвестициите.
7. Советот ја разгледа и донесе Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителна резерва на банките во денари со која се зголеми процентот на дозволено дневно користење на задолжителната резерва од страна на банките од 60% на 80%. Притоа оцени дека доброто исполнување на задолжителната резерва од страна на банките овозможи да се зголеми правото на дневно користење. Со ваквата мерка се очекува поефикасно управување со ликвидноста од страна на банките и надминување на ликвидносните удари предизвикани од движењето на автономните фактори.
Гувернерот ги извести членовите на Советот дека во рамките на пакетот мерки кои се преземаат за подобро управување со ликвидноста од страна на банките, покрај Одлуките од точка 6 и 7 од оваа седница, ќе се извршат промени и во оперативното работење на Народна банка кое е во директна надлежност на гувернерот. Мерките се однесуваат на: намалување на фрекфентноста на аукциите на благајнички записи; зголемување на износот со кој Народна банка се јавува на девизниот пазар од 15 000 ЕУР на 100 000 ЕУР; приближување на курсевите со кои Народна банка интервенира на пазарот до девизните курсеви на банките; воспоставување на електронски информативен систем на девизниот пазар, како и други оперативни мерки. Овие мерки покрај подобрувањето во управувањето со денарската и девизната ликвидност од страна на банките, треба да придонесат за зголемување на меѓубанкарското тргување на девизниот пазар, кое во сегашните услови е многу мало.
8. Советот ја разгледа и донесе Одлуката за користење дел од девизните резерви на Република Македонија за изработка на пригодни ковани пари по повод 100 години од Илинденското востание. Притоа, поаѓајки од Одлуката на Владата на Република Македонија за изработка на нови 500 парчиња од златникот со илустрација на "црешовото топче", оцени дека првично е потребно да се изработат 100 парчиња, додека остатокот ќе се изработува сукцесивно во зависност од резервите во Народна банка.
9. Советот ја разгледа и донесе Одлуката за користење дел од девизните резерви на Република Македонија за изработка на пригодни ковани пари по повод 60 години од Првото заседание на АСНОМ. Притоа оцени дека со ковање на златник со основните обележја од Првото заседание на АСНОМ, определени со Одлука на Владата на Република Македонија, се придонесува за пригодно одбележување на јубилејот 60 години.
Гувернер
и претседател
на Советот на Народна банка на
Република Македонија
м-р Петар Гошев с.р.