на Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на V седница, одржана на 24.06.2004 година
ЗАКЛУЧОЦИна Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на V седница, одржана на 24.06. 2004 година 1. Советот на Банката го разгледа и усвои Записникот од IV седница на Советот на Народна банка на Република Македонија;
2. Советот на Банката ги разгледа најновите макроекономски движења во Република Македонија во изминатиот период од годината и оцени дека:
- по високиот индустриски пад во јануари во реалниот сектор постепено почна да се евидентира ревитализирање на економската активност, особено во градежништвото и трговијата, како и месечен пораст на индустриското производство во февруари, март и април;
- во надворешно трговската размена е остварен висок пораст на извозот на стоки кај повеќето производи, но едновремено и висок пораст на увозот кој главно се должи на интензивниот увоз од Република Словенија пред примената на повисоки царински стапки по нејзиното приклучување кон Европската Унија на 1ви мај оваа година што доведе до влошување на трговскиот дефицит и зголемена побарувачка за девизи на девизниот пазар;
- во финансискиот сектор постои тренд на зголемување на депозитите кај банките, намалување на каматните стапки и зголемување на кредитната активност;
- фискалната политика се карактеризираше со помала потрошувачка при што почнувајќи од 1-ви јануари оваа година државата воведе нов краткорочен инструмент на финансирање- трезорски записи со рок на достасување од три месеци кои успешно се реализираа;
Од аспект на спроведувањето на монетарната политика, Советот оцени дека во зависност од макроекономскиот амбиент и ликвидноста во банкарскиот систем, извршено е адекватно прилагодување на поставеноста на монетарните инструменти преку промени во аукциите на благајнички записи и интервенции на девизниот пазар, при што во првите 5 месеци од 2004 година остварена е просечна стапка на инфлација од 0,7% при понатамошно одржување на стабилен девизен курс и задоволително ниво на девизните резерви.
3. Советот на Банката заклучи разгледувањето на точката 3 да се одложи за наредната седница на Советот на Народна банка на Република Македонија.
4. Советот на Банката ја разгледа Информацијата за предлог за донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за Народна банка на Република Македонија и оцени дека со донесувањето на последните измени и дополнувања на Законот за Народна банка на Република Македонија се овозможува:
- имплементирање на дел од препораките на ФСАП мисијата на ММФ и Светската банка во делот на прецизирање на улогата на Народна банка како позајмувач во крајна инстанца;
- воспоставување правен основ за јавен Кредитен регистар во Народна банка со што се врши имплементирање на препораките на Светската банка содржани во рамките на последниот Меморандум за исполнување на условите од втората транша на ФЕСАЛ аранжманот, исполнување на дел од активностите во овој домен предвидени со Макроекономската политика на Република Македонија за 2004 година, како и усогласување со одредбите на европската директива за обработка на лични податоци и заштита на приватноста ( 97/66/ЕЦ); и
- поставуање на улогата на чувар на имот на приватните пензиски фондови на Народна банка на Република Македонија во определен период од 5 години, со цел забрзување и зајакнување на кредибилитетот на реформите во пензискиот систем на Република Македонија. Ваквокто решение е поддржано и од ФСАП мисијата на ММФ и Светската банка.
Советот исто така оцени дека измените се донесени во итна постапка заради потребата од законско поставување на улогата чувар на имот на Народна банка во зависност од предвидената динамика на реформите во пензискиот систем и дека се претходно потврдени како потребни во соработка со повеќе технички мисии на ММФ и Светската банка, но дека останува потребата од понатамошно усогласување на Законот за Народна банка на Република Македонија со Европското законодавство. Советот заклучи дека е потребно да се отпочнат активностите за практична реализација на потребата од усогласување.
5. Советот на Банката ја разгледа информацијата и оцени дека, делот од поставените квантитативни критериуми по Stand by аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд кои се во надлежност на Народна банка: нето девизни резерви, нето домашна актива на Народна банка на Република Македонија и нето-кредити одобрени на државата од страна на банкарскиот систем, се исполнети со што се придонесува за позитивна оцена на успешноста на Stand by аранжманот со ММФ. Исполнувањето на критериумите ќе биде предмет на втората ревизија на ММФ која треба да се изврши по комплетирањето на периодот на аранжманот.
6. Советот на Банката ја разгледа предложената Одлука за висината на каматната стапка по која Народна банка пресметува и плаќа камата на девизен депозит врз основа на склучен меѓународен договор со која се регулира висината на каматната стапка по која Народна банка како депонентна банка ќе пресметува и исплаќа камата по склучениот меѓународен договор и истата ја прифати и донесе.
Гувернер
и претседател
на Советот на Народна банка на
Република Македонија
м-р Петар Гошев с.р.