на Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на IX седница, одржана на 25.11.2004 година
ЗАКЛУЧОЦИна Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на IX седница, одржана на 25.11.2004 година 1. Советот на Банката го разгледа и усвои Записникот од VIII седница на Советот на Народна банка на Република Македонија.
2. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за целите на монетарната политика за 2005 година и Проекцијата на монетарната политика за 2005 година и заклучи дека :
- Во текот на 2004 година, поставеноста на монетарната политика овозможи успешно одржување на стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото и на ценовната стабилност, како основна законски утврдена цел.
- Остварените макроекономски движења во првите три квартала од 2004 година наметнаа потреба од ревидирање на макроекономската програма за 2004 година. Така, во реалниот сектор послабите перформанси на индустријата резултираа со ревизија на проектираниот реален пораст на БДП од 4% на 2,5%, додека проектираната стапка на инфлација изнесува 0%, наспроти 2,8% во рамките на иницијалната проекција. Во фискалната сфера, во согласност со пониските буџетски трошења проектираниот дефицит во централниот буџет е ревидиран од 0,9% од БДП на 0,8% од БДП. Во услови на значително поинтензивна надворешно-трговска размена во однос на очекуваната, иницијалната проекција на годишен пораст на извозот и увозот на стоки за 2004 година од 9,6% и 6,3%, соодветно беше ревидирана на 19,4% и 17,5%, соодветно. Од аспект на монетарните и на кредитните агрегати, интензивното проширување на депозитната база на банките и значителниот пораст на кредитирањето на недржавниот сектор во првите девет месеци од 2004 година резултираа со измена на проекција на годишната стапка на раст на паричната маса М2-денарски дел и на вкупните кредити одобрени на недржавниот сектор од 11,7% и 9%, соодветно на 17,3% и 21,7%, соодветно.
- Во 2005 година монетарната политика ќе биде ориентирана кон понатамошно одржување на ценовната стабилност, како основна монетарна цел. Притоа, проектираната стапка на инфлација за 2005 година изнесува 1,5%. Воедно, НБРМ и понатаму ќе ја одржува стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото, како посредна монетарна цел. Во овие рамки, одржувањето на адекватно ниво на бруто девизни резерви претставува битна детерминанта на монетарната политика. Со монетарната политика за 2005 година, НБРМ ќе ја поддржува макроекономската политика на Република Македонија, без притоа да се загрозува остварувањето на основната цел на монетарната политика.
- Одржувањето на ценовната стабилност во 2005 година ќе креира поволен амбиент за динамизирање на економскиот раст. Така, во 2005 година се очекува реален пораст на БДП од 3,8%. Во фискалната сфера, во 2005 година се предвидува понатамошно водење на прудентна фискална политика, со проектиран дефицит во централниот и консолидираниот буџет од 1% од БДП и 2,3% од БДП, соодветно. Во услови на зголемена извозна побарувачка и надополнување на дел од домашната побарувачка со увоз, проектираните годишни стапки на раст на извозот и увозот изнесуваат 23% и 15,6%, соодветно. Врз основа на вака поставените претпоставки, во рамките на монетарната програма за 2005 година се очекува годишна стапка на пораст на паричната маса М2-денарски дел од 15,6%, додека проектираната стапка на пораст на вкупните кредити одобрени на недржавниот сектор изнесува 12,8%.
3. Советот на Банката го разгледа и прифати Извештајот за остварувањето на приходите и извршувањето на расходите на Народна банка на Република Македонија за периодот, Јануари - Октомври 2004 година.
4. Советот на Банката ја разгледа и прифати Информацијата за акциите на Народна банка на Република Македонија во Bank of International Sttlements (BIS).
5. Советот на Банката го разгледа и усвои Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во првото полугодие на 2004 година.
6. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за потребната документација за издавање на согласности на банките и за доставување на известување за промена на сопственичка структура на акции со право на глас. Со оваа Одлука се заменува досегашната, важечка Одлука за потребната документација за издавање на согласности и за доставување на известување согласно член 26 став 4 од Законот за банките, при што се обединуваат сите направени измени и дополнувања со цел за нејзина поедноставна примена.
Со новата Одлука извршена е промена на насловот на претходната и како новина предвидено е воспоставување на соодветен електронски систем за вршење на платен промет со странство и порамнување на финансиски трансакции, како и пристап до информациите на девизниот пазар на Република Македонија и финансиските пазари во странство, што ќе овозможи услови за плаќање во странство, тргување и порамнување при тргувањето на сите авторизирани учесници на девизниот пазар, како и централизирање на податоците за сите неопходни информации за работата на финансиските пазари. Исто така, предвидено е девизните дилери кај овластените банки да располагаат со соодветни стручни знаења потребни за извршување на овие финансиски активности.
7. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за изменување на Одлуката за каматните стапки на Народна банка на Република Македонија и смета дека со зголемувањето на каматната стапка на ломбардниот кредит од 11% на 13% се постигнува потребната разлика во каматните стапки. Зголемувањето на каматните стапки на благајничките записи во три наврати, во периодот од август до ноември, доведе до значајно доближување на каматната стапка на благајничките записи на 28 дена и каматната стапка на ломбардниот кредит. На тој начин, разликата помеѓу овие две стапки, каматната стапка на благајнички записи-10% и на ломбардниот кредит-11%, се намали. Постоечкото ниво на каматна стапка на ломбардниот кредит, може да доведе до зачестено користење на истиот од страна на банките, а со тоа и зголемено присуство на НБРМ на пазарот на пари, со што би се предизвикале негативни ефекти врз прометот на меѓубанкарскиот пазар на пари. Со зголемувањето на каматната стапка на ломбардниот кредит од 11% на 13%, ќе се постигне соодветно дестимулативно ниво на разлика помеѓу каматните стапки на благајнички записи и ломбардниот кредит.
8. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за продажба на пригодни ковани пари, кои се исковани заради одбележување на значајните датуми и јубилеи од подалечното и поблиското минато на Република Македонија.
Притоа, Советот на Банката оцени дека заради поголема продажба на златниците потребно е да се намали цената на јубилејните златници за 10 % од досегашната цена.
Намалувањето на цената на јубилејните златници е на товар на нумизматичката вредност која е вградена во продажната цена.
9. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за дополнување на единствената тарифа по која се наплатуваат надоместоците за услугите што ги врши Народна банка на Република Македонија и смета дека заради надоместок на трошоците кои Народна банка на Република Македонија ќе ги има во врска со извршувањето на новата функција, чувар на имот на пензиските фондови, потребно е друштвото што ќе управува со пензиските фондови да плаќа на Народна банка соодветен надоместок за покривање на истите.
10. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за изменување на Статутот на Народна банка на Република Македонија и смета дека бришењето на член 45-а во Статутот на Народна банка на Република Македонија е резултат на потребата од претходно, неопходно допрецизирање и донесување на подзаконските акти со кои се регулира изборот, правата и одговорностите на работниците со посебни овластувања и одговорности во Народна банка на Република Македонија.
Гувернер
и претседател
на Советот на Народна банка на
Република Македонија
м-р Петар Гошев с.р.