Задолжителната резерва е инструмент на монетарната политика на НБРМ, којшто ги обврзува банките и штедилниците да издвојуваат средства на сметките кај централната банка. Основни функции на инструментот се стабилизирање на краткорочните каматни стапки на пазарите на пари, управување со понудата на пари и нивото на кредитна мултипликација и намалување на структурниот вишок на ликвидност.
Основата за задолжителната резерва се пресметува како просек од обврските за секој ден од календарскиот месец којшто е утврден како основа во Индикативниот календар.
Задолжителната резерва во денари на банките се пресметува како збир на износот утврден од обврските во домашна валута, износот утврден од обврските во домашна валута со валутна клаузула и 30% од износот утврден од обврските во странска валута. При утврдувањето на задолжителната резерва во денари, основата за задолжителна резерва од обврските на банките во домашна валута се намалува за износот на побарувањата врз основа на новоодобрени кредити на правните лица наменети за финансирање на проекти за изградба на нови објекти или за зголемување на инсталираната моќност на постојните објекти за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори. Задолжителната резерва во денари банките ја одржуваат на просечно ниво, од средствата на сметките на банките кај Народната банка и средствата во резервниот гарантен фонд на КИБС АД Скопје. Задолжителната резерва на банките во девизи се утврдува на ниво од 77% од износот пресметан од обврските во странска валута. Задолжителната резерва на банките во девизи се одржува: 90% во евра на фиксно ниво на посебни девизни смтеки на Народната банка во странство и 10% во евра на просечно ниво на девизна сметка во евра во МИПС. Штедилниците ја исполнуваат задолжителната резерва на посебни сметки кај НБРМ на фиксно ниво.
Периодите на одржување на задолжителната резерва се утврдени во Индикативниот календар на периоди на одржување на задолжителна резерва во денари и евра за банките и штедилниците.
Стапките на задолжителна резерва на банките се прикажани во табелата:
Обврски
|
Стапка на задолжителна резерва
|
Се применува од:
|
- во домашна валута
|
5%
|
10.08.2022
|
- во домашна валута со валутна клаузула
|
50%
|
01.05.2016
|
- во странска валута
|
19%
|
18.01.2023
|
Исклучок:
|
- обврски кон нерезиденти - финансиски друштва во странска валута со договорна рочност до една година
|
13%
|
11.09.2013
|
- обврски кон физички лица во домашна валута со валутна клаузула и во странска валута, со договорна рочност над две години
- обврски кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над една година*
|
0%
0%
|
11.01.2012
01.09.2015
|
- обврски по репо-трансакции во домашна валута
|
0%
|
11.01.2012
|
- обврски врз основа на издадени должнички хартии од вредност во домашна валута со оригинален рок на достасување од најмалку две години
|
0%
|
13.02.2013
|
- обврски кон нерезиденти - финансиски друштва во домашна валута, во домашна валута со валутна клаузула и во странска валута, со договорна рочност над една година и обврските кон нерезиденти во домашна валута, во домашна валута со валутна клаузула и во странска валута, со договорна рочност над две години
|
0%
|
11.09.2013
|
* на обврските кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над две години се применуваше стапка 0% од 11.01.2012 година
Стапката на задолжителна резерва на штедилниците изнесува 2,5%.
--------------------------------------------------------------------------------
[1] Нефинансиски друштва - нето-извозници и/или нефинансиски друштва коишто средствата ги користат за финансирање проекти за домашно производство на електрична енергија, за сопствена и/или комерцијална намена.