Заднинските операции се интерни операции на Народната банка поврзани со порамнување на склучените трансакции на финансиските пазари, и опфаќаат: обработка, потврдување и порамнување на трансакциите, сметкодствено евидентирање и усогласување на состојбата на сметките на парични средства и хартии од вредност.
Заднинските операции се во функција на спроведување на монетарната политика и управување со девизните резерви. Во однос на монетарната политика, заднинските операции ги поддржуваат следниве инструменти: операции на отворен пазар, задолжителна резерва, расположливи депозити, расположлив кредит преку ноќ и интрадневен кредит. Истовремено, при управување со девизните резерви Народната банка склучува промптни, термински и своп-трансакции со девизи и злато, дефинитивни и репо-трансакции со хартии од вредност, позајмување на хартии од вредност и дериватни финансиски инструменти. Притоа, за порамнување на трансакциите поврзани со овие инструменти Народната банка ги користи воспоставените кореспондентни односи со странски централни и комерцијални банки и странски депозитари на хартии од вредност.
Заднинските операции во Народната банка се извршуваат во согласност со интерните процедури коишто ги одразуваат најдобрите меѓународни практики содржани во кодексите на однесување за работа на финансиските пазари.