Управување со ликвидност ВО МИПС
МИПС има различни видови опции со кои се овозможува ефикасно управување со ликвидноста.
Прво, банките-учесници во МИПС имаат пристап до различни извори на ликвидност, како што се задолжителната резерва, интрадневниот кредит и расположливиот кредит преку ноќ. Банките ја исполнуваат задолжителната резерва на просечна основа на сметки кај Народната банка во МИПС. Задолжителната резерва може да се користи во целост на дневна основа за порамнување на платежни трансакции во МИПС. Доколку задолжителната резерва не е доволна за порамнување на платежните трансакции, банката може да позајми од Народната банка обезбеден безкаматен интрадневен кредит, којшто може да се претвори во кредит преку ноќ.
Второ, следните функционалности на МИПС го олеснуваат управувањето со ликвидноста:
-
можност за проверка на состојбата на сметките на учесникот во реално време;
-
информација за очекувани одливи и приливи врз основа на плаќања во ред на чекање;
-
учесникот може да ги промени приоритетите на пораките за плаќања, или да отповика поединечни плаќања доколку пораките за плаќања се во ред на чекање;
Трето, следните функционалности се во насока на редуцирање на барањата за ликвидност на целиот систем:
-
во случај на плаќања коишто се во ред на чекање во системот, МИПС, согласно со Правилата за работа на МИПС може да ја активира процедурата за разрешување на плаќањата кои се во ред на чекање;
-
учесникот во МИПС плаќа надоместок кој зависи од времето на порамнување во текот на денот. Цената на трансакциите се зголемува со текот на времето, при што за подоцнежните плаќања во текот на денот цената е повисока. Ова предизвикува поттик за учесниците порано да ги порамнуваат трансакциите. Целта е да се заштитат учесниците од одложување на нивните плаќања преку чекање прилив којшто ќе го финансира нивниот одлив.