У П А Т С Т В О
за условите за
спроведување на аукцијата на кредити на Народна банка на Република Македонија
I.
Општи одредби
1.
Аукциите на кредити се спроведуваат во Народна банка на Република Македонија (во
понатамошниот текст: Народна банка). Аукциите на кредити се одржуваат еднаш
неделно, во петок. По исклучок, во вонредни услови, аукцијата на кредити
може да се одржи и друг ден.
2. Народна
банка, на почетокот на секој квартал, објавува листа на хартии од вредност,
кои можат да послужат како колатерал за добивање на кредит, при што се објавува
и процентот на колатерализираност на кредитите со хартии од вредност.
3. Во
согласност со работните денови во текот на месецот, Народна банка составува и
објавува месечен календар на аукции на кредити. Вонредните аукции на
кредити не се вклучени во месечниот календар.
4.
Комисијата за ликвидносно планирање во Народна банка на редовните состаноци, во
вторник во
13:30
часот одлучува за износот на интервенција преку овој инструмент и типот на
тендерот.
5.
Аукциите на кредити технички се спроведуваат во Дирекцијата за централно
банкарски операции, при што до учесниците на аукцијата се испраќа проспект, се
примаат понудите, се известуваат учесниците за резултатите од аукцијата, се врши
преносот на средствата односно колатералот и слично.
II.
Постапка за спроведување на аукцијата на кредити на Народна банка на Република
Македонија
Објавување на проспект за аукцијата на кредити
1.
Проспектот за аукцијата на кредити, на денот на одржување на аукцијата во
10:00
часот, по пат на електронска пошта се испраќа до сите учесници на аукцијата.
2. Право
на учество на аукцијата имаат сите банки, кои се регистрирани согласно со
постоечките прописи и кои располагаат со колатерал-хартии од вредност од Листата
на Народна банка на Република Македонија односно не се ограничува пристапот на
помали банки и аукцирањето со пониски износи.
3. Во
проспектот, помеѓу другите елементи, се назначува и типот на тендер.
4. При
тендери со износи (волуме тендер), вкупниот износ и каматната стапка на
аукцијата се одредени од страна на централната банка. Каматна стапка може да
биде претходно објавена или може да се открие откако банките ќе ги поднесат
нивните понуди односно да биде дел од резултатите од аукцијата. Банките
аукцираат само со износи (анекс 1а).
5. При
тендери со каматни стапки (интерест рате тендер), централната банка го објавува
само вкупниот износ на аукцијата и им дава можност на банките да аукцираат и со
износи и со каматни стапки (анекс 1б). Средствата се алоцираат по каматни стапки
од понудите на банките (американска аукција).
Прием
на понуди за учество на аукцијата на кредити
1. На
денот на одржување на аукцијата, во периодот од
10:30
до
10:45
часот, Народна банка врши прием на понудите за учество на аукцијата.
2.
Понудите за учество на аукцијата се доставуваат по електронски пат (е-маил). Во
случај на технички проблеми, понудите се доставуваат по факс или телефонски, при
што е потребно истите да бидат веродостојно потврдени (шифриран факс или снимен
телефонски разговор).
3. Во
случај на тендер со каматни стапки, покрај другите елементи, во понудата треба
да се наведе и каматна стапка, на годишно ниво со точност од две децимали. Во
овој случај, секој учесник може да достави неколку понуди за учество на
аукцијата на кредити, со различни каматни стапки (анекс 2а).
4. Доколку
Народна банка спроведува тендер со износи, во понудата не се наведува каматна
стапка односно учесниците аукцираат само со износот (анекс 2б).
5.
Доставените понуди по истекот на утврдениот термин за прием на понуди се сметаат
за неважечки.
Распоредување на понудите и резултати од аукцијата
1. По
истекување на времето за прием на понудите, во периодот од 10:45 до 11:00 часот,
истите се разгледуваат и се проверува исполнувањето на условите пропишани во
Одлуката за спроведување на аукцијата на кредити на Народна банка на Република
Македонија. Истовремено се проверува дали износите наведени во понудите се
покриени со колатерал согласно Листата на хартии од вредност, кои можат да
послужат како колатерал за добивање на кредит.
2. Во
зависност од типот на тендер, понудите се распоредуваат и се добиваат
резултати од аукцијата. Резултатите содржат успешни и неуспешни понуди.
3. Банките
поединечно се известуваат за резултатите од аукцијата по пат на телефон.
4. Сите
учесници по пат на електронска пошта се известуваат за вкупните резултати од
аукцијата.
5. Во
случај на тендер со каматни стапки, учесниците се известуваат за вкупно
реализираниот износ, за постигнатата каматна стапка, како и за минималната и
максималната каматна стапка од успешните понуди (анекс 3а).
6. При
тендер со износи, учесниците се известуваат само за вкупно реализираниот износ
(и за каматната стапка во случај кога не е претходно објавена) (анекс 3б).
7. Во
периодот до
12:00
часот добиените средства им се одобруваат на учесниците, кои успешно аукцирале.
Истовремено, учесниците добиваат Известување за заложување на колатералот (анекс
4а).
8. Доколку
одреден учесник располага со повеќе видови хартии од вредност кои, согласно
Листата на хартии од вредност, можат да послужат како колатерал за добивање на
кредит, учесникот наведува во понудата кои хартии од вредност ги заложува како
колатерал (вид на хартијата од вредност, ден на издавање и доспевање).
9. На
денот на доспевање на одобрените кредити, учесниците ги враќаат користените
средства по овој основ заедно со камата за периодот на користењето на
кредитот. Истовремено, учесниците добиваат Известување од Народна банка за
ослободување на колатералот (анекс 4а).
Вонредни аукции на кредити
1. По
исклучок, Народна банка може да упати повик за вонредна аукција на
кредити т.н. брз тендер.
2.
Вонредните аукции се одржуваат во случај на непланирани ликвидносни одливи од
банкарскиот систем.
3. Овој
тендер ги има истите карактеристики со редовниот тендер со таа разлика што
учесниците не се однапред информирани за денот на неговото одржување. Од оваа
причина, Народна банка по телефонски пат ги известува банките за намерата да
одржи вонредна аукција.
III.
Останати одредби
1. Ова
упатство е составен дел на Одлуката за спроведување на аукција на кредити на
Народна банка на Република Македонија.
2. Сите
права и обврски кои произлегуваат од меѓусебниот однос на секој учесник на
аукцијата на кредити и Народна банка се регулираат со посебен договор.