На 12 и 13 март 2013 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на февруари 2013 година, најновите податоци за домашната економија, вклучително и показателите за ранливост, нивните отстапувања од проекциите и ликвидноста во банкарскиот систем
На 12 и 13 март 2013 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на февруари 2013 година, најновите податоци за домашната економија, вклучително и показателите за ранливост, нивните отстапувања од проекциите и ликвидноста во банкарскиот систем.
На глобален план, во февруари 2013 година продолжи подобрувањето на финансиските услови во евро-зоната и враќањето на довербата на финансиските пазари. Показателите за деловната активност, во континуитет, укажуваат на подобри пазарни согледувања за развојот на економијата, а според проценките на Европската централна банка, се очекува дека европската економија постепено ќе закрепнува во втората половина од 2013 година. Ваквиот тренд би бил условен од зајакнувањето на глобалната побарувачка и постепеното закрепнување на домашната побарувачка. Од друга страна, приспособувањето на билансите кај јавниот и приватниот сектор и заострените кредитни услови може го ограничат економскиот раст.
Движењата на домашните пазари на пари во февруари 2013 година беа стабилни и се карактеризираа со активно тргување со депозити, хартии од вредност и девизи. Ликвидноста во банкарскиот систем се одржуваше на стабилно и соодветно ниво, а банките активно ги користеа расположливите монетарни инструменти и флексибилно управуваа со ликвидноста. Воедно, најновите промени кај задолжителната резерва почнаа да придонесуваат за зголемено одобрување кредити за нето-извозниците и за фирмите за производство на електрична енергија, така што во изминатите два месеца банките вкупно одобриле нови кредити за овие сектори во износ од околу 1.100 милиони денари.
Последните макроекономски показатели упатуваат на релативно стабилен амбиент за водење на монетарната политика. Податоците за инфлацијата за февруари 2013 година покажуваат понатамошно забавување на инфлацијата, при што годишниот раст на ценовното ниво во првите два месеца е малку побавен во споредба со последните проекции. Ризиците околу проектираната стапка на инфлација и понатаму се оценуваат како надолни. Сепак, динамиката на раст на базичната инфлација е побрза од очекувањата, покажувајќи веројатно поголеми преносни ефекти од првично оценетите. Девизните резерви од почетокот на годината бележат раст, што упатува на поволна позиција на билансот на плаќања. Растот на девизните резерви е поддржан од приливите на државата врз основа на надворешно задолжување, како и од интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, каде што движењата се релативно стабилни. Динамиката на раст на девизните резерви е во согласност со очекувањата, при што тие и понатаму се одржуваат на адекватното ниво и се доволни за апсорбирање на евентуалните неповолни шокови. Првичните податоци за кредитниот пазар за февруари покажуваат слаба кредитна активност, сигнализирајќи ја воздржаноста на банките, во услови на присутни ризици во реалниот сектор. Расположливите показатели за економската активност, исто така, засега не упатуваат на поголемо подобрување на состојбата во реалниот сектор.
Оценaта на постојните економски и финансиски услови во економијата покажува релативно поволни движења од монетарен аспект. Сепак, ризиците во спроведувањето на монетарната политика и понатаму се присутни. Тие се однесуваат на динамиката на базичната инфлација, но и на сѐ уште неповолниот надворешен амбиент којшто може да има ефекти врз проектираната патека на девизните резерви. Во вакви услови на присутни ризици, но и во услови кога се очекуваат ефекти од веќе извршеното монетарно олабавување, монетарната поставеност е оценета како соодветна.
Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5%, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ (24.020 милиони денари). НБРМ и во понатамошниот период ќе ги приспособува монетарните услови во согласност со движењата во економијата и оценетите идни ризици, а со цел да се одржи ниска инфлација преку стабилноста на девизниот курс и високата доверба во домашната валута.
Кабинет на гувернерот