Врачени наградите за најуспешни творби на Конкурсот по повод Денот на штедењето

Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска ги врачија наградите за најуспешните ликовни и литературни творби пријавени на конкурсот по повод Денот на штедењето - 31 Октомври. Наградите ги врачија министерот за финансии, Кирил Миноски, гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.
Конкурсот беше наменет за деца и млади од основните и средните училишта во Република Македонија, на тема „И јас умеам да штедам“ и „Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството“. На конкурсот пристигнаа 402 творби, а најдобрите 15 добија дипломи и парични награди. На 44 ученици и седум училишта им се доделија пофалници.
Конкурсот се распишува по третпат и е дел од активностите што ги преземаат Министерството за финансии, Народната банка и Агенцијата за супервизија на осигурувањето за подигање на финансиската свест и писменост на населението, и особено на младите.
Министерот Миноски истакна дека младите генерации учат за вистинските вредности во животот, дека во животот може да се успее само со труд, со посветена работа и штедливост.
„Во Министерството за финансии, благодарение на овие вредности, се грижиме за финансиските средства на сите граѓани на РМ. Тие средства ги распределуваме на соодветен начин за да можеме да инвестираме во образованието, здравствените установи, културата, спротот и сите сфери неопходни за функционриање на една држава“, рече Миноски.
Гувернерот Богов, пак, истакна дека интензивно се работи во оваа сфера за да се подигне знаењето не само на најмалите, туку и на целото население, бидејќи од знаењето што го имаат корисниците на финансиските услуги многу зависи какво ќе биде и работењето и на корисниците и на давателите на финансиски услуги.
Климе Попоски рече дека истражувањето на ОЕЦД поикажало дека од 2,2 милијарди млади во светот, само 10 проценти од нив имаат пристап до финансиската едукација, што покажува дека има потреба да се работи на оваа тема.
Кабинет на гувернерот