Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 31.10.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за 2007 година, кој ја истакнува одржаната ценовна стабилност, растечкиот тренд на депозитите и кредитите на банките кај приватниот сектор и остварениот суфицит на тековната сметка од платниот биланс.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во првата половина од 2007 година.
Во насока на зголемување на транспарентноста и пазарната дисциплина на банките во вршењето на финансиските активности и управувањето со ризиците, на денешната седница на Советот на НБРМ беше донесена Одлуката за објавување на извештаи и податоци од страна на банките. Со Одлуката се предвидува објавување низа податоци за работењето на банките, вклучително и за нивната акционерска структура, висината и структурата на нивните сопствени средства, нивната изложеност на различни ризици и начинот на управување со ризиците.
На денешната седница Советот донесе Одлука за супервизорските стандарди за регулирање на достасаните, а ненаплатени побарувања на банките, која е во насока на зајакнување на примената на супервизорските стандарди во доменот на извршувањето на кредитната активност од страна на банките. Со оваа Одлука се регулира начинот на пролонгирање на достасаните побарувања, начинот на преструктуирање на побарувањата, начинот на отпис на побарувањата и др.
Советот на НБРМ донесе и Одлука за методологијата за утврдување нето-должник на банка. Целта на оваа Одлука е да се спречи со банка да управуваат, односно да вршат надзор лица кои, на нето-основа, имаат поголеми обврски кон банката од нивните побарувања од неа.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за управувањето и ракувањето со девизните резерви во првото полугодие од 2007 година. Притоа, Советот констатираше дека во првата половина од 2007 година, девизните резерви на Република Македонија остварија пораст од 1,7 милиони евра и на крајот на полугодието изнесуваа 1.418,4 милиони евра. Порастот е остварен при позначајни одливи од девизните резерви по основ на предвремената отплата на долгот кон Парискиот клуб на кредитори и отплатата на дел од долгот кон Светската банка, кои беа компензирани со реализираниот откуп на девизи по основ на интервенции на девизниот пазар со банките поддржувачи и откуп на девизи по основ на портфолио инвестиции во земјата. Во рамките на утврдената стратегија за управување, во текот на првото полугодие од 2007 година НБРМ ги инвестираше девизните резерви во согласност со принципите: сигурност, ликвидност и рентабилност, следејќи ги трендовите на меѓународните финансиски пазари како и искуствата на централните банки во развиените земји. Во таа смисла, се изврши понатамошна диверзификација на инвестиционото портфолио во насока на зголемување на инвестициите во хартии од вредност. Покрај државните хартии од вредност беа воведени и нови видови должнички хартии од вредност во кои се пласираат девизните резерви, кои се одликуваат со висок кредитен рејтинг и за кои постојат ликвидни секундарни пазари, а истовремено носат повисок принос. Нето-приходот од пласирањето на девизните резерви во првото полугодие од 2007 година изнесуваше 22,46 милиони евра.
Советот на денешната седница разгледа Информација за изготвување и презентирање на нето надворешниот долг на Република Македонија согласно меѓународните стандарди и препораки, која е во насока на надополнување и збогатување на информативната основа на Народната банка за носење на квалитетни одлуки. Со новиот начин на изготвување и презентирање на податоците за надворешната задолженост на земјата во целост се применуваат меѓународните препораки и стандарди, со што се обезбедува меѓународна споредливост на податоците за надворешната задолженост на земјата. Овие податоци Народната банка ќе ги изготвува и објавува на редовна квартална основа со најмногу три месеци задоцнување за кварталот за кој се однесува.
Советот на денешната седница ја разгледа Методологијата за пресметка на базична инфлација и измените во Методологијата за пресметување на реалниот ефективен девизен курс на денарот. Воедно, Советот беше информиран и за најновите макроекономски движења во македонската економија. Во периодот јануари-септември 2007 година е остварена просечна стапка на инфлација од 1,4%, при што во август и септември беше регистрирано умерено интензивирање на инфлацијата заради повисоките цени на прехранбените производи условени од сушниот период. На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, при што реализираниот нето откуп на девизни средства од страна на НБРМ овозможи пораст на девизните резерви, во услови на значен одлив од девизните резерви за предвремена отплата на јавниот долг кон странство. Така, со состојба на 19.10.2007 година бруто девизните резерви се повисоки во однос на крајот на претходната година за 130,6 милиони евра. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ одржана на 24.10.2007 година е остварена просечна каматна стапка од 4,86%. Движењата во банкарскиот систем укажуваат на натамошен пораст на депозитите и кредитите на банките кај приватниот сектор. Имено, во периодот јануари-септември 2007 година, вкупните депозити на банките се повисоки за 21%, при истовремен кумулативен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор за 28,9%.
Кабинет на гувернерот