Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во 2005 година, при што го заклучи следното:
Скопје, 31.05.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во 2005 година, при што го заклучи следното:
Во текот на 2005 година банкарскиот систем на Република Македонија беше стабилен и го карактеризираше релативно висока солвентност и ликвидност, како и значително зголемена активност. На 31.12.2005 година вкупната актива на банките достигна ниво од 140,4 милијарди денари, што претставува годишен пораст од 19%. Основен генератор на растот на активата на банките беше депозитниот потенцијал, кој на годишно ниво се зголеми за 19% и на крајот на 2005 година достигна 97,9 милијарди денари. Зголемениот финансиски потенцијал претставуваше основа за остварување на значајна кредитна експанзија од 20% кон приватниот сектор, со што беше поттикнат севкупниот економски растеж во Република Македонија. Притоа, кредитниот ризик останува доминантен ризик во работењето на банките, но постои перманентен тренд на негово намалување.
Зголемената активност на банките во 2005 година беше проследена со подобрена профитабилност и ефикасност. Така, во 2005 година, банкарскиот систем во Република Македонија оствари вкупна добивка во износ од 1,7 милијарди денари, што во споредба со претходната година, претставува значителен пораст од 37%.
Советот на Народна банка донесе нови Правила за начин и постапка за тргување и порамнување на трансакции со хартии од вредност на пазари преку шалтер. Новите правила ги вклучуваат државните обврзници како инструмент за тргување на пазарите преку шалтер, што ќе овозможи натамошен развој и продлабочување на пазарот на државни хартии од вредност.
На денешната седница на Советот беше донесена и Одлука за дефинитивни и репо трансакции. Дефинитивните трансакции на купопродажба на хартии од вредност помеѓу Народна банка и банките главно се планираат за подолгорочно управување со ликвидноста, додека репо-трансакциите се наменети за управување со ликвидноста на пократок рок преку спроведување повремени интервенции за повлекување и емитирање ликвидност. Со оваа одлука се проширува постоечкиот сет на инструменти на монетарната политика, во насока на овозможување на учество на Народна банка на пазарите на пари и хартии од вредност по пат на спроведување на дефинитивен или привремен откуп односно продажба на хартии од вредност.
Имајќи го предвид трендот на намалување на каматните стапки на пазарите на пари и хартии од вредност, Советот на Народна банка донесе Одлука за измена на Одлуката за каматните стапки на Народна банка на Република Македонија, со што ломбардната каматна стапка се намалува од 11,00% на 9,50%
Советот на НБРМ беше информиран за последните макроекономски остварувања на македонската економија. Во периодот јануари - април 2006 година е остварена просечна стапка на инфлација од 2,9%, која е главно детерминирана од зголемувањето на акцизите на цигарите на почетокот на годината, како и движењето на цените на производите за исхрана и на цените на нафтените деривати. На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, што овозможува континуиран пораст на бруто девизните резерви врз основа на нето откуп на девизи од страна на НБРМ. На последните аукции на благајнички записи, просечната каматна стапка се одржува на ниво од околу 5,6%. Вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор и натаму бележат двоцифрени стапки на пораст. Така, во април 2006 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на банките се повисоки за 18,1%, при истовремено зголемување на денарските и девизните депозити (за 18,8% и 17,7%, соодветно). Меѓугодишниот пораст на вкупните пласмани на банките одобрени на приватниот сектор во април 2006 година изнесува 21,2%, при пораст на денарските и девизните пласмани од 15,1% и 43,1%, соодветно.
Советот на Народна банка на Република Македонија ги разгледа и усвои независното ревизорско мислење на Прајсвотерхаускуперс дооел Скопје за Финансиските извештаи на Народна Банка за годината која завршува на 31 Декември 2005 година и Финансиските извештаи на НБРМ подготвени во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.
Кабинет на гувернерот