Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која разгледа и усвои неколку одлуки и информации од доменот на нејзиното работење.
Скопје, 31.03.2005 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која разгледа и усвои неколку одлуки и информации од доменот на нејзиното работење.
Советот на Народна банка ги разгледа најновите макроекономски движења. Притоа, податоците покажуваат дека во февруари 2005 година е регистрирана месечна инфлација од 0,5%. Во првите два месеци од 2005 година во однос на истиот период од минатата година физичкиот обем на индустриското производство забележа пораст од 7,6%. Во екстерниот сектор, во јануари 2005 година извозот и увозот забележаа годишен пораст од 33,2% и 7,7%, соодветно, при намалување на трговскиот дефицит за 27,5% и значителен пораст на покриеноста на увозот со извоз од 12,5 процентни поени. Прелиминарните податоци за февруари покажуваат натамошно задржување на позитивниот тренд, така што во првите два месеца од 2005 година е регистриран кумулативен пораст на извозот и увозот од 29,9% и 15%, соодветно, намалување на трговскиот дефицит за 9,7% и одржување на покриеноста на увозот со извоз на ниво од 70,5%. Ваквите промени придонесоа за поволни движења на девизниот пазар, при што од почетокот на годината НБРМ изврши нето-откуп на девизниот пазар од 18,5 милиони САД долари. И покрај повисоката обврска за задолжителна резерва, во февруари 2005 година вкупните кредити одобрени на недржавниот сектор забележаа годишен пораст од 26,4%, при пораст на паричната маса М2-денарски дел од 17,4% и речиси непроменето ниво на краткорочните активни каматни стапки на банките.
Советот на НБРМ разгледа и неколку прашања поврзани со монетарната статистика. Советот донесе одлука со која се утврдува начинот на пресметка на репрезентативни каматни стапки на банкарскиот сектор. Новата методологија овозможува попрецизно пресметување на висината на репрезентативните каматни стапки на банкарскиот сектор на примени депозити и одобрени кредити и презентирање на каматните стапки и каматните маргини според валутната и рочната структура.
Советот ги разгледа препораките на супервизијата на Народна банка до банките за унапредување на системите за внатрешна контрола, поставеноста на внатрешната ревизија, улогата на надворешната ревизија и релацијата помеѓу внатрешната ревизија, надворешната ревизија и банкарската супервизија. Исто така, Советот ги разгледа препораките до банките за унапредување на системите за спречување на перење пари, за сметководствен и регулаторен третман на средствата дадени и земени под лизинг и препораките за унапредување на сигурноста на информативниот систем на банките. Овие препораки овозможуваат полесно разбирање на одредени новини од доменот на прудентните банкарски практики и стандарди. Со нив истовремено се даваат попрецизни насоки за нивната примена во работењето на банките. Во врска со овие препораки, Централната банка ќе организира консултативни состаноци со деловните банки заради нивно прифаќање и поефикасна примена.
На Советот му беше презентиран истражувачкиот материјал "Монетарна трансмисија преку каматните стапки во Република Македонија" изработен од вработени во НБРМ. Резултатите од ова квантитативно истражување укажуваат дека монетарната политика не била доминантен фактор при определувањето на нивото на каматните стапки од страна на банките. Се оценува дека значително влијание врз формирањето на каматните стапки на банките имаат следниве фактори: нивото на штедење, квалитетот на кредитното портфолио, каматната нееластичност на побарувачката за кредити на населението. Сето ова, заедно со плиткиот финансиски пазар сi уште ги ограничува можностите на централната банка за премин кон друга монетарна стратегија.
Кабинет на гувернерот