Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 30.11.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Членовите на Советот на НБРМ беа информирани за разговорите со ММФ при последната мисија, при што беше истакнато дека тимот на ММФ констатира дека сите таргети предвидени со аранжманот кои се во ингеренција на НБРМ се исполнети и надминати со состојба на крајот на септември, а тековните тенденции се поволни и укажуваат на надминување и на крајот на годината. Со тимот на ММФ беа дискутирани и макроекономските проекции за 2007 година.
Воедно, Советот на НБРМ беше информиран и за најновите макроекономски движења во македонската економија. Имено, во периодот јануари - октомври 2006 година е регистрирана просечна стапка на инфлација од 3,2%, која главно е детерминирана од зголемувањето на акцизите на цигарите на почетокот на годината, повисоките цени на производите за исхрана и на енергентите. До крајот на годината кај инфлацијата не се очекуваат поголеми промени. На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, што овозможува континуиран пораст на бруто девизните резерви врз основа на нето откуп на девизи од страна на НБРМ. Во услови на високи приливи во економијата од приватни трансфери од странство кои неутрализираа значаен дел од трговскиот дефицит, на тековната сметка од платниот биланс во првите осум месеци од 2006 година е регистриран дефицит од само 4 милиони евра (што е пониско во однос на истиот период од минатата година за 58 милиони евра). На последните аукции на благајнички записи, просечната каматна стапка се одржува на ниво од околу 5,6%. Во октомври дојде до дополнително интензивирање на растот на вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор. Така, во октомври 2006 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на приватниот сектор кај банките се повисоки за 26,4%. Истовремено, меѓугодишниот пораст на вкупните пласмани на банките одобрени на приватниот сектор во октомври 2006 година изнесува 28,1%.
Советот донесе Одлука за доставување податоци за состојбата на денарската готовина на банките. Развојот на пазарите на пари, постепеното градење на портфолио на хартии од вредност од страна на банките, реформата на платниот систем, како и примената на индиректни, пазарни инструменти, наложи потреба од креирање на нов сет на пазарни информации, кои банките ги доставуваат до Народна банка. Следствено, се намали значењето на податоците кои се прибираат согласно Одлуката за доставување на дневни податоци од банките и штедилниците, поради што се укинува обврската за банките и штедилниците за нивно доставување. Притоа, предвидено е само задржување на обврската за доставување на податоци за состојбата на сметката 101 - готовина во благајна (вклучително и готовина во трезорот на банката) која како автономен фактор е потребна за ликвидносно планирање и управување од страна на Народната банка.
Советот на Народна банка на Република Македонија донесе Одлука за отпочнување постапка за издавање на ковани пари во апоен од 10 и 50 денари. Основните белези на новите ковани пари и датумот на нивното пуштање во оптек ќе се утврдуваат дополнително со посебна одлука на Советот. Одлуката е донесена врз основа на анализа на досегашните трошоци на Народна банка за издавање на книжните пари во апоен од 10 и 50 денари. Овие банкноти кои учествуваат со 52% од вкупниот број на банкноти во оптек имаат рок на траење од 1 до 1,5 година, а годишниот трошок за нивното производство изнесува околу 20 милиони денари. Со издавањето на кованите пари од 10 и 50 денари чиј период на користење ќе биде значително поголем од тој на банкнотите со соодветна номинална вредност, се цени дека годишната заштеда би изнесувала од 11 до 12 милиони денари.
Кабинет на гувернерот