Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница, на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 30.10.2008 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница, на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го разгледа и го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во првата половина од 2008 година. Притоа, беше заклучено дека во текот на првата половина од 2008 година, банкарскиот систем на Република Македонија продолжи динамично да се развива, успевајќи да ја одржи стабилноста и отпорноста на надворешни фактори.
На 30.06.2008 година, вкупната актива на банкарскиот систем на Република Македонија достигна износ од 241,1 милијарда денари, што во однос на крајот на 2007 година, претставува пораст од 7,8%. Главен двигател на растот на активата на банките беа депозитите на нефинансиските субјекти, коишто во текот на првата половина од оваа година забележаа пораст од 10,2%. Трендот на забрзана кредитна активност на банките продолжи со поголем интензитет и во текот на првите шест месеци од 2008 година, при што вкупните кредити на нефинансиските субјекти забележаа полугодишен пораст од 19,5%. Кредитите на населението растеа најзасилено, со полугодишна стапка од 22,3%, при што највисок придонес во нивниот пораст забележаа потрошувачките кредити со 39,4% и кредитните картички со 22,8%.
Паралелно со порастот на активата, во текот на првата половина од 2008 година, продолжи позитивниот тренд на нејзиното преструктурирање, во правец на пораст на учеството на каматоносниот дел, којшто достигна 87,3% од вкупната актива на банкарскиот систем. Трендот на намалување на пласманите на македонските банки кај странските банки и нивното пласирање во форма на кредити во домашната економија, продолжи и во текот на првата половина од 2008 година. На 30.06.2008 година, пласманите кај странските банки изнесуваа 30,5 милијарди денари и во однос на крајот на 2007 година, забележаа намалување од 5,7 милијарди денари, односно 15,8%.
Во текот на првата половина од 2008 година, банките остварија вкупна добивка од 2,5 милијарди денари, што во споредба со истиот период од 2007 година, претставува зголемување за 13,2%. На крајот на првото полугодие од 2008 година, стапката на повратот на капиталот (РОЕ) и стапката на повратот на активата (РОА) на банките изнесуваа 19,1% и 2,2%, соодветно.
И покрај значителниот пораст на вкупните активности на банките, нивната солвентна позиција е релативно висока. На 30.06.2008 година, просечната стапка на адекватност на капиталот на банките изнесуваше 15,6%.
Кредитниот ризик, како доминантен ризик во структурата на ризиците на банките, покажа натамошно благо намалување. На 30.06.2008 година, учеството на изложеноста на банките со повисок ризик (класифицирана во категориите на ризик „В“, „Г“ и „Д“) во вкупното кредитно портфолио изнесуваше 5,5%, што претставува намалување од 0,2 процентни поени во однос на 31.12.2007 година. Единствено, во текот на првата половина од 2008 година, се забележува влошување на квалитетот на кредитното портфолио коешто се однесува на населението. Учеството на изложеноста со повисок ризик (класифицирана во категориите на ризик „В“, „Г“ и „Д“) во кредитното портфолио кај населението, се зголеми за 0,3 процентни поени и на 30.06.2008 година изнесуваше 5,4%.
Во рамките на активностите за прилагодување на работењето на банките и штедилниците кон новата сметководствена рамка, којашто ќе започне да се применува од 01.01.2009 година, Советот ги усвои измените и дополнувањата на Одлуката за сметковниот план за банките, со кои се врши дополнување и доуточнување на одделни сметки во Сметковниот план за банките.
Советот донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите за отворање и водење на сметки на нерезиденти со која се укинуваат ограничувањата на нерезидентите да вршат уплата на ефективни странски пари или денари, на своите сметки кај банките, претходно повлечени од овие сметки во рок од 30 дена од денот на уплатата.
На денешната седница, Советот ја донесе и Одлуката за референтна каматна стапка за пресметување на стапката на казнена камата со која се пропишува начинот на утврдување и објавување на референтната каматна стапка за пресметување на стапката на казнена камата. Врз основа на Одлуката, Народната банка на Република Македонија ќе ја објавува референтната каматна стапка за пресметување на стапката на казнена камата за секое полугодие од годината во „Службен весник на Република Македонија“. Притоа, референтната каматна стапка за пресметување на стапката на казнена камата за одредено полугодие е каматната стапка на основниот инструмент од операциите на отворен пазар - благајнички записи на Народната банка, којашто е постигната на последната аукција во претходното полугодие.
Денес, Советот донесе и Одлука за пуштање во оптек ковани пари во апоени од 10 и 50 денари. Со пуштање во оптек на кованите пари во готовинскиот платен промет на Република Македонија во важност ќе бидат паралелно и банкнотите во апоени од 10 и 50 денари издадени според Одлуката за издавање, апоенска структура и основни белези на книжни пари („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/96) и Одлуката за издавање банкноти во апоени од 10, 50 и 100 денари со изменети белези („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/01).
На денешната седница, Советот на НБРМ ги разгледа и ги усвои Полугодишниот и Кварталниот извештај на НБРМ, а беше информиран и за најновите макроекономски движења во земјата, како и за актуелните настани на меѓународните финансиски пазари.
Советот усвои и други одлуки од својата надлежност.
Кабинет на гувернерот