Советот на НБРМ на денешната седница ги разгледа и усвои Извештајот за управување и ракување со девизните резерви во првото полугодие на 2010 година и Извештајот за работењето на Дирекцијата за внатрешна ревизија во првото полугодие на 2010 година.
Скопје, 30.09.2010 година
Советот на НБРМ на денешната седница ги разгледа и усвои Извештајот за управување и ракување со девизните резерви во првото полугодие на 2010 година и Извештајот за работењето на Дирекцијата за внатрешна ревизија во првото полугодие на 2010 година.
Во Извештајот за управување и ракување со девизните резерви во првото полугодие на 2010 година се истакнува дека во анализираниот период Народната банка продолжи да ги инвестира девизните резерви во државни хартии од вредност и во краткорочни депозити кај странски централни банки на земји коишто имаат високи кредитни оцени и водат прудентни макроекономски политики. Конзервативниот пристап и високото ниво на сигурност на инвестираните девизни резерви се покажаа како соодветен избор, во услови на зголемена нестабилност на меѓународните финансиски пазари и неизвесност за идните макроекономски движења. Водечки принципи при инвестирањето на девизните резерви во првата половина од 2010 година беа сигурноста и ликвидноста, што ги детерминираше остварувањата на девизните резерви од аспект на профитабилноста. Вкупните приходи од девизните резерви изнесуваа 12,4 милиони евра и се во планираните рамки.
Во Извештајот за работењето на Дирекцијата за внатрешна ревизија во првото полугодие на 2010 година се истакнува дека во овој период беа остварени сите планирани редовни и дополнителни активности во доменот на внатрешната ревизија, во функција на подобрување на интерните процеси во работењето на банката. Беа извршени 9 редовни ревизии, како и сите активности во врска со следењето на дадените препораки за подобрување на контролите. Се констатираше дека во првото полугодие на 2010 година, Програмата за работа на внатрешната ревизија, во целост беше реализирана.
На денешната седница, Советот на НБРМ беше информиран за најновите макроекономски движења. Податоците за инфлацијата од август 2010 година покажуваат умерено интензивирање на растот на потрошувачките цени на годишна основа (главно заради интензивираниот позитивен придонес на цените на храната), со што просечната стапка на инфлација во првите осум месеци на 2010 година изнесува 1% и е во рамки на очекувањата. Од аспект на економската активност, објавениот раст на БДП во вториот квартал од 2010 година од 0,4% на годишна основа е блиску до проекцијата на НБРМ од 0,5%. Последните расположливи податоци за индустриското производство заклучно со август покажуваат дека падот на производството во индустријата за првите осум месеци на 2010 година е сведен на 3%.
На девизниот пазар и натаму се одржуваат релативно стабилни трендови. Имено, бруто девизните резерви со состојба на 31.08.2010 година изнесуваат 1.718,7 милиони евра, бележејќи раст во однос на крајот на претходната година од 121,2 милиони евра, главно како резултат на нето-откупот на девизниот пазар. Ваквите трендови на девизниот пазар оваа година се резултат на значајното намалување на дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања кој во првата половина на годината изнесуваше 1,7% од БДП, наспроти 6,6% од БДП во истиот период минатата година. Најголем придонес за стеснувањето на дефицитот на тековната сметка имаше намалувањето на трговскиот дефицит и порастот на тековните трансфери. Во капитално-финансиската сметка во првата половина на 2010 година беа остварени незначително пониски нето-приливи во однос на истиот период од претходната година, но сепак истите беа доволни за целосно покривање на дефицитот во тековната сметка и овозможија пораст на девизните резерви. Поволните движења во надворешниот сектор продолжија и во текот на јули и август 2010 година, кога приватните трансфери продолжија да растат (поинтензивно во однос на проекциите), а согласно најновите податоци за надворешнотрговската размена во јули 2010 година продолжи стеснување на трговскиот дефицит на годишна основа.
Движењата на депозитите и кредитите на банките се во согласност со проекцијата за третиот квартал. Во банкарскиот сектор во август 2010 година беше забележан висок раст на вкупните депозити на месечна основа, со што целосно беше надоместен одливот на депозити од банкарскиот сектор заради исплата на дивиденда на една компанија во јули. Со тоа, годишната стапка на раст на вкупните депозити во август изнесуваше 13,5%, при регистриран поинтензивен пораст кај денарските депозити. Согласно растот на депозитниот потенцијал, годишната стапка на раст на вкупните кредити на банките продолжи да се интензивира од 6% во јули на 7,1% во август 2010 година (притоа корпоративните кредити остварија раст од 9,5%, а кредитите на домаќинствата 4,1%). Во јули продолжи трендот на намалување на каматните стапки на кредитите кој започна од почетокот на оваа година, при што месечното намалување во јули е со најголем интензитет во изминатиот период од годината. Пондерираната каматна стапка на банките на одобрените кредити во јули изнесува 9,2%.