Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 30.07.2009 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Притоа, Советот го разгледа и го усвои Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во првиот квартал од 2009 година. Во првиот квартал од 2009 година продолжи стеснувањето на активностите на банкарскиот систем коешто започна во последниот квартал од 2008 година. На 31.03.2009 година, вкупната актива на банкарскиот систем изнесува 246.973 милиони денари и таа забележа квартално намалување од 1,5%. Главната причина за ова беше надолниот тренд на депозитното јадро во првиот квартал од 2009 година. Имено, во првиот квартал од 2009 година, депозитите забележаа намалување за 2,9% во однос на крајот на 2008 година и на 31.03.2009 година, тие изнесуваа 175.642 милиони денари. Истовремено, беше присутна натамошна валутна трансформација на депозитите, во корист на депозитите со девизна компонента, со изразен надолен тренд кај денарските депозити. Кредитите одобрени од страна на банките продолжија да растат, но со значително побавна динамика во однос на претходните квартали. Така, на 31.03.2009 година, вкупните кредити кон нефинансиските субјекти изнесуваат 171.734 милиони денари и забележаа квартален пораст од 2,3%. Во овој квартал повторно почнаа да растат износите на средствата пласирани кај банки, а нето-вложувањата во хартии од вредност видно опаднаа. Во првиот квартал од 2009 година, показателите за квалитетот на кредитното портфолио на банките забележаа извесно влошување. Така, кредитната изложеност класифицирана во категориите на ризик „В“, „Г“ и „Д“ забележа квартален пораст од 6,9% (или за 1.162 милиони денари). Со тоа, учеството на изложеноста класифицирана во категориите на ризик „В“, „Г“ и „Д“ во вкупната кредитна изложеност изнесува 6,9%. Просечното ниво на ризичност на кредитната изложеност забележа квартално зголемување за 0,4 процентни поени и на 31.03.2009 година го достигна нивото од 6,2%. Во првите три месеци од 2009 година, вкупните нефункционални кредити пораснаа за 1.597 милиони денари (или за 13,9%), со што нивното учество во вкупната кредитна изложеност на банките изнесува 5,0%.
Банкарскиот систем и понатаму одржува стабилна ликвидносна позиција. На 31.03.2009 година, просечниот месечен износ на ликвидната актива на банките е 51.571 милиони денари, а на високоликвидната актива на банките е 39.709 милиони денари. Во споредба со првиот квартал од 2008 година, тие бележат пад за 27,2% и 6,4%, соодветно.
Банките управуваат со валутниот ризик главно во рамките на пропишаните лимити за агрегатната отворена девизна позиција.
Во првите три месеци од 2009 година, банкарскиот систем оствари добивка во износ од 136 милиони денари, којашто е за 85,6% помала од добивката остварена во истиот период претходната година. Стапките на поврат на активата и капиталот изнесуваат 0,2% и 1,8%, соодветно и се значително пониски во однос на стапките остварени во истиот период минатата година (во март 2008 година, овие стапки изнесуваа 1,7% и 14,7%, соодветно).
Банките располагаат со доволно капитал за покривање на ризиците од работењето. На 31.03.2009 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 16,5% и е повеќе од двојно повисока од законски пропишаниот минимум од 8%.
Советот го разгледа и го усвои и Кварталниот извештај, јули 2009 година, при што главните заклучоци се следниве:
Ефектите од глобалната рецесија се прелеваат врз домашната економија со помало временско задоцнување од очекуваното. Така, стеснувањето на домашната економија започна уште во првиот квартал на годината, кога е забележан пад на БДП од 0,9%. Намалувањето на светската трговија силно го погоди секторот ориентиран кон извоз, додека прилагодувањето на увозот се одвиваше со позабавено темпо, при с? уште присутни притисоци од домашната побарувачка. Проширениот трговски дефицит и пониските нето-приливи од приватни трансфери предизвикаа влошување на дефицитот во тековната сметка во првиот квартал. Истовремено, забележан е помал обем на капитални приливи, во услови на глобална одбивност кон ризици. Овие текови, заедно со влошените очекувања на домашните субјекти, создадоа притисоци врз побарувачката на девизи, наметнувајќи потреба од продажба на девизи од страна на НБРМ на девизниот пазар во првите пет месеци на годината и преземање соодветни мерки на монетарната политика. Така, покрај порастот на основната каматна стапка (во март, од 7% на 9%), во мај беше извршено и зголемување на стапката на издвојување на задолжителна резерва на обврските на банките со девизна компонента. Последните податоци укажуваат на промена во движењата, што се забележува преку забрзаното стеснување на увозот и позитивните трендови кај приватните трансфери, коишто условија и промена на тенденциите на девизниот пазар. Имено, во текот на јуни и јули, НБРМ интервенира со нето-откуп на девизи, при што на 24. јули бруто девизните резерви изнесуваат 1.371,8 милиони евра (од коишто 175 милиони евра се прилив врз основа на издадената еврообврзница на државата). Сепак, временскиот период на промена е премногу краток за да се заклучи дека се случува промена во трендовите, а ризиците до крајот на годината и понатаму се високи. Паралелно со намалувањето на економската активност, дојде и до значително забавување на инфлацијата, којашто во првите шест месеци изнесува 0,1%, во просек, на годишно ниво. Се очекува досегашните преземени монетарни мерки да го дадат соодветниот ефект во наредниот период.
Послабите остварувања во доменот на економската активност во однос на оценките од април, при истовремени надолни ревизии на проектираниот глобален раст, доведоа до надолна ревизија и на проектираната стапка на раст на македонската економија за 2009 година, од -0,4% на -1,8%. Притоа, ризиците околу проекцијата остануваат претежно негативни. Во овој момент, долната граница на интервалот на БДП за 2009 година се оценува на околу -2,5%. Во третиот квартал се очекува најсилен пад на БДП од 2,9% и се оценува дека потоа стеснувањето на економијата ќе биде поумерено. Сепак, за разлика од претходната проекција, кога очекувањата беа исклучиво песимистички, последните очекувања за побрзо закрепнување на глобалната економија и позитивните поместувања на пазарот на метали укажуваат и на фактори коишто би можеле да влијаат и во спротивна насока. Што се однесува до промените во цените, остварувањето пониска инфлација од проектираната и оцените за подлабок пад на домашната побарувачка доведоа до надолна ревизија на проектираниот интервал за 2009 година, од -0,4% до 0,6% на интервал од -1,1% до -0,4%.
На денешната седница Советот разгледа и други прашања од својот домен на работа, усвојувајќи ја Одлуката за каматните стапки на Народната банка и определени измени на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот.
Кабинет на гувернерот