Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница ги разгледа Кварталниот извештај за првиот квартал од 2005 година, Месечната информација за април 2004 година, како и најновите макроекономски движења.
Скопје, 30.06.2005 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница ги разгледа Кварталниот извештај за првиот квартал од 2005 година, Месечната информација за април 2004 година, како и најновите макроекономски движења.
Советот констатираше дека во првите пет месеци од 2005 година поволните движења на девизниот пазар и одржувањето на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото без интервенции на Централната банка придонесоа за одржување на ценовната стабилност. Просечната стапка на инфлација во периодот јануари-мај 2005 година изнесува 0%, со што се напушти зоната на негативен раст на инфлацијата. Монетарната политика се остваруваше во услови на подобрени движења во билансот на плаќања и зголемена економска активност во земјата. Притоа, во услови на континуирано проширување на депозитната база на банките, вкупните кредити одобрени на приватниот сектор во мај 2005 година на годишна основа се зголемени за 24,2%.
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница донесе нови Правила за начинот и постапката за тргување и порамнување на трансакции со хартии од вредност на пазари преку шалтер. Основните измени во новите Правила се однесуваат на овозможување склучување и порамнување на трансакции со хартии од вредност на пазари преку шалтер и за репо трансакции. Народна банка на Република Македонија подготви Генерален репо договор, како унифицирана правна рамка за склучување на репо трансакции помеѓу пазарните учесници, согласно кој се предвидува склучување на репо трансакции со сите краткорочни хартии од вредност. Истовремено, со новите Правила се поставува и основата за спроведување на монетарни операции преку склучување на репо трансакции од страна на Народна банка на Република Македонија.
Во согласност со активностите за поддржување на развојот на секундарниот пазар на хартии од вредност, како и со заживување на репо трансакциите, се планира во иднина Народна банка на Република Македонија при спроведувањето на монетарните операции како колатерал се повеќе да се користат хартии од вредност наместо девизи. Во таа насока, Советот на Народна банка на Република Македонија донесе Одлука за престанување на важење на Одлуката за аукциско спроведување на девизни своп трансакции за регулирање на денарската ликвидност на банките.
Покрај ова, на седницата на Советот на Народна банка на Република Македонија беше презентирана Информација за активностите на Народна банка на Република Македонија во врска со заживување и зголемување на ефикасноста на меѓубанкарскиот девизен пазар. Имено, со цел натамошен развој на меѓубанкарскиот девизен пазар, Народна банка на Република Македонија од јуни 2005 година воспостави информативен систем за електронско тргување со девизи помеѓу банките. Покрај концентрацијата на понудата и побарувачката на едно место, електронската платформа нуди повеќе предности: поголема транспарентност, пореално, пазарно формирање на цените, а со тоа и поголема ликвидност на пазарот. Преку проширувањето на пристапот до пазарните информации се очекува да се овозможи побрзо и полесно вкрстување на понудата и побарувачката, како и зголемување на обемот на тргување на меѓубанкарскиот девизен пазар.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои Извештајот за извршената ревизија на финансиските извештаи на Народна банка на Република Македонија за 2004 година изготвен од страна на овластените ревизори Ернст и Јанг доол-Скопје. Ревизорскиот Извештај ќе биде објавен како составен дел на Годишниот извештај на Народна банка на интернет страницата на НБРМ.
Кабинет на гувернерот