Скопје, 30.05.2003 година
Соопштение на НБРМ
По повод написот во последниот број на неделникот Капитал во кој се изнесени големи невистини и опасни шпекулации околу наводната судбина на некои банки во Република Македонија, би сакале да го истакнеме следното:
1. Спротивно на насловот од објавениот текст, Народна банка на Република Македонија, во рамките на извршувањето на својата супервизорска функција, секогаш се стреми за изнаоѓање на решенија кои значат зачувување на стабилноста на банкарскиот систем на Република Македонија и заштита на интересите на штедачите и другите доверители на банките. Оттука, најенергично демантираме дека Народна банка на Република Македонија има било каков план за ликвидација на споменатите банки во насловот на текстот.
2. Исто така, демантираме дека ликвидацијата на споменатите банки била договорена или вопшто разговарана со експертите на ММФ и Светска банка. Она што е разговарано со претставниците на овие меѓународни финансиски институции е натамошното зајакнување на супервизорската функција на Народна банка на Република Македонија во насока на зачувување и понатамошно унапредување на стабилните перформанси на банкарскиот систем.
3. Споменување на име на било која банка во негативен контекст, а посебно во шпекулативни цели, претставува директен удар на интегритетот на самата банка, со што директно се загрозува стабилноста на банката, но, што е уште поважно, сигурноста на вложените средства на граѓаните и претпријатијата во таа банка. Вакви шпекулативни написи би ги загрозиле и најголемите и најздравите банки во развиениот свет. Оттука, се поставува прашањето на кого му служат ваквите текстови.
4. Самиот наслов на текстот кој, по наша оценка е сензационалистички, шпекулативен, опасен и крајно некоректен, не одговара на содржината на текстот, односно текстот не содржи ниту еден издржан аргумент кој би го поткрепил самиот наслов. Ова го разбираме, од причина што такви аргументи не постојат.
На крајот, уште еднаш сакаме да апелираме до средствата за јавно информирање да се воздржат од објавување на било какви непроверени информаци кои можат да нанесат големи штети не само на банкарскиот систем туку и на економската стабилност на земјата.
ДИРЕКЦИЈА ЗА СУПЕРВИЗИЈА