Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење. Притоа, Советот го разгледа и го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во 2008 година.
Скопје, 30.04.2009 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење. Притоа, Советот го разгледа и го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во 2008 година.
Беше заклучено дека банкарскиот систем на Република Македонија во 2008 година ја задржа стабилноста и сигурноста и покрај сериозните турбуленции на меѓународните финансиски пазари, големите потреси во банкарските системи во развиените земји и земјите од регионот, како и длабоките рецесивни движења на светската економија. Сепак, како резултат на зголемената неизвесност предизвикана од случувањата на меѓународната финансиска сцена и можните ефекти врз домашната економија, како и променетите согледувања на банките во однос на потенцијалните ризици врз нивното работење, во текот на 2008 година, растот на нивните вкупни активности значително забави. На 31.12.2008 година, вкупната актива на банкарскиот систем на Република Македонија достигна износ од 250,7 милијарди денари, што во однос на крајот на 2007 година, претставува пораст од 12,1% (за споредба, годишната стапка на пораст за 2007 година изнесуваше 28,5%).
Забавениот раст на активата на банките главно беше одраз на побавниот годишен пораст на депозитите, од 12,8%, што е за околу половина понизок од порастот остварен во 2007 година. Паралелно со забавувањето на растот на депозитите, во 2008 година, под изразено влијание на психолошките фактори врз донесувањето на одлуките на приватниот сектор, се случи и засилена трансформација на нивната валутна структура. Девизните депозити забележаа годишен пораст од 22,1%, наспроти денарските депозити коишто се зголемија за 5,3%. Со тоа беше прекинат трендот на пораст на учеството на денарските депозити, којшто започна во 2006 година.
Во 2008 година вкупните кредити одобрени од страна на банките продолжија засилено да растат со стапка од 34,4%. Сепак, под влијание на мерките преземени од страна на НБРМ, како и на заострувањето на кредитните политики на банките, кредитната активност растеше со нешто побавно темпо во споредба со претходната година кога беше остварена годишна стапка на пораст од 39,1%. Кредитите на населението продолжија посилно да растат со годишна стапка од 37,4%, при што кредитните картички и потрошувачките кредити остварија највисок раст од 27,8% и 24,7%, соодветно.
Просечното ниво на ризичност на кредитното портфолио на банките годишно се зголеми за 0,5 процентни поени, со што на 31.12.2008 година достигна ниво од 5,8%. Вкупното учество на изложеноста класифицирана во категориите со повисоко ниво на ризик („В“, „Г“ и „Д“) во вкупното кредитно портфолио изнесуваше 6,4% на 31.12.2008 година, што претставува пораст за 0,7 процентни поени, во споредба со крајот на 2007 година. Притоа, на 31.12.2008 година, учеството на изложеноста класифицирана во категориите со повисоко ниво на ризик („В“, „Г“ и „Д“) во вкупното кредитно портфолио на населението изнесуваше 6,1%, што претставува пораст за 1 процентен поен, во споредба со крајот на 2007 година. Според видот на кредитните производи коишто банките ги нудат на населението, највисоко ниво на ризичност од 10,1% е забележано кај потрошувачките кредити.
Во текот на 2008 година, банките во Република Македонија располагаа со доволно ниво на ликвидни средства и одржуваа стабилна ликвидносна позиција. Тие непречено и навремено ги сервисираа своите обврски кон депонентите и во ниту еден случај немаа потреба од користење ликвидносна поддршка од НБРМ во форма на ломбарден кредит или краткорочен ликвидносен кредит во крајна линија. Меѓутоа, во текот на 2008 година, продолжи трендот на продлабочување на рочната неусогласеност меѓу средствата и обврските на банките.
Солвентноста на банките останува на релативно високо ниво. На крајот на 2008 година, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 16,2% и е двојно повисока од законскиот минимум од 8%. Дополнително на тоа, сите симулации коишто на редовна основа ги прави Народната банка, покажуваат дека банкарскиот систем покажува висок степен на отпорност на различни поединечни или комбинирани хипотетички шокови.
Банките во Република Македонија продолжија да работат профитабилно. Сепак, неколкугодишниот тренд на непрекинато подобрување на нивната профитабилност и ефикасност, во текот на 2008 година беше прекинат. Во 2008 година, вкупната добивка на банкарскиот систем на Република Македонија изнесуваше 3.410 милиони денари, што претставува намалување за 240 милиони денари, односно за 6,6%, во споредба со 2007 година. Од вкупно осумнаесет банки, шест банки прикажаа загуба, чиешто збирно учество во вкупната актива на ниво на банкарскиот систем изнесуваше 9,4%. На крајот на 2008 година, стапката на поврат на активата (РОАА) изнесуваше 1,4% и забележа намалување за 0,4 процентни поени, на годишно ниво. Стапката на повратот на капиталот (РОАЕ) изнесуваше 12,5% и беше за 2,7 процентни поени пониска од онаа на крајот на 2007 година.
Во 2008 година, НБРМ редовно ги извршуваше своите активности во доменот на супервизорската и регулаторната функција. Беше заокружен процесот на лиценцирање на банките заради усогласување со одредбите на новиот Закон за банките. Воедно, на почетокот на 2008 година беше усвоен нов концепт на супервизија ориентирана кон оценка на ризиците и нивното управување од страна на банките.
На денешната седница, Советот на НБРМ го разгледа Кварталниот извештај, април 2009 година. Во Извештајот е утврдено дека во последниот квартал на 2008 година, македонската економија почна засилено да ги чувствува последиците од продлабочувањето на глобалната економска криза, и тоа главно во размената со странство и инвестициите. Така, по постојаното остварување релативно високи стапки на реален раст во првите три квартали на годината, во последното тримесечје на 2008 година стапката на економски раст забави до 2,1%, при забележан значаен годишен пад на бруто-инвестициите. Согласно со наглиот пад на светската цена на нафтата и цените на храната, годишната стапка на инфлација продолжи да забавува, при што во првите три месеци на 2009 година изнесуваше 1%, во просек. Намалената надворешна побарувачка за домашни производи доведе до намалување на извозот во последниот квартал на 2008 година, а при висока зависност на домашното производство од увоз и при намалување на инвестициската побарувачка, е забележан пад и кај увозот на стоки. Истата тенденција продолжи и во првите два месеци на 2009 година, при поизразен пад на извозот во однос на увозот на стоки.
Со тоа, трговскиот дефицит продолжи да се одржува на високо ниво, што во услови на зголемена неизвесност заради последиците од светската криза врз домашната економија и намалени капитални приливи од странство ја зголеми побарувачката за девизни средства, создавајќи притисоци за депрецијација на домашната валута. Ваквите притисоци беа надминати преку висока нето-продажба на девизниот пазар од страна на НБРМ во последниот квартал на 2008 година, тренд што продолжи и во првите два месеци на 2009 година и заедно со очекувањата за натамошно влошување на состојбите во надворешниот сектор, беше причина НБРМ, покрај со интервенциите на девизниот пазар, да реагира и со зголемување на основната каматна стапка од 7% на 9% на крајот на март 2009 година. Негативните промени во глобалниот и домашниот амбиент се одразија и врз активноста на банкарскиот сектор преку забавување на растот на депозитниот потенцијал и последователно, прилагодување на темпото на кредитна активност. Така, во февруари 2009 година, во споредба со истиот месец од претходната година, вкупните депозити (со депозитните пари) се повисоки за 8,7%, додека вкупните кредити на банките кај приватниот сектор се повисоки за 29%.
Позасилените преносни ефекти од глобалната рецесија врз македонската економија, во однос на претходно очекуваните и постојаните надолни ревизии на проекциите за глобалниот раст, ја наметнаа потребата од ревидирање на макроекономските проекции за 2009 година. Така, стапката на економски раст за 2009 година, за која претходните проекции изнесуваа од 3% до 4,4%, е ревидирана на -0,4%, при очекувања за значително забавување на домашната побарувачка во вториот квартал. Намалените притисоци на страната на побарувачката и понудата и повисоката споредбена основа се очекува да доведат до ниска стапка на инфлација во 2009 година од 0,6%, што е значително пониско ниво во однос на првично проектираното. Притоа, значајно е да се спомене дека и покрај извршените ревизии, ризиците околу проекциите на економскиот раст и на инфлацијата и натаму се високи и се претежно негативни.
Во насока на натамошна рационализација во статистичкото известување од банките, Советот ги разгледа и ги усвои измените во Одлуката за евидентирање на кредитните работи со странство и Одлуката за начинот и условите за поднесување извештаи за склучени кредитни работи, со кои се предвидува исклучување на кредитните трансакции со нерезидентите врз основа на кредитни картички и негативни салда на тековни сметки од обврската за поединечно кредитно евидентирање и известување.
Кабинет на гувернерот