Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 29.11.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот беше информиран за најновите макроекономски движења во македонската економија. Во периодот јануари-октомври 2007 година е остварена просечна стапка на инфлација од 1,7%, при што во последните три месеци е регистрирано умерено интензивирање на инфлацијата заради повисоките цени на прехранбените производи условени од сушниот период. На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, при што реализираниот нето откуп на девизни средства од страна на НБРМ овозможи пораст на девизните резерви, во услови на значен одлив од девизните резерви за предвремена отплата на јавниот долг кон странство. Така, со состојба на 16.11.2007 година бруто девизните резерви се повисоки во однос на крајот на претходната година за 135,1 милион евра. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ одржана на 28.11.2007 година е остварена просечна каматна стапка од 4,74%. Позитивните движења на депозитите и кредитите на банките кај приватниот сектор продолжуваат, при што во октомври 2007 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на банките се повисоки за 30,5%, при истовремен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор за 37%.
На денешната седница на Советот, беше донесена Одлуката за содржината на ревизијата на работењето и на годишните финансиски извештаи на банката. Со оваа Одлука се зголемува транспарентноста и пазарната дисциплина на банките во вршењето на финансиските активности и управувањето со ризиците и се зајакнува функцијата надзор и ревизија на работењето на банките. Исто така, со оваа Одлука, се пропишува опфатот на ревизијата на работењето на банка, пришто, покрај ревизијата на нејзините финансиски извештаи, посебен акцент се става на улогата на друштвото за ревизија во доменот на анализата на системите на управувањето со ризиците, оценка на функционирањето на системите на внатрешна контрола и извршувањето на функциите на внатрешната ревизија, оценка на усогласеноста на нејзиното работење со прописите, вклучувајќи и оценка на точноста и комплетноста на извештаите кои ги доставува до НБРМ.
Советот донесе четири Одлуки од областа на платните системи согласно со одредбите на новиот Закон за платен промет. Тоа се: Одлука за пропишување на стандард за конструкција на сметките на учесниците во платниот промет и доделување на водечки број на носителите на платниот промет; Одлука за доставување на податоци за извршените активности во платниот промет; Одлука за начинот на водењето и содржината на единствениот регистар на трансакциски сметки и Одлука за определување на износот на мало меѓубанкарско плаќање. Усвоените Одлуки преставуваат квалитативно подобрување на постојната подзаконска регулатива во насока на усогласување со новиот Закон за платен промет кој е усогласен со постоечките директиви на ЕУ. Примената на овие одлуки започнува на 01.01.2008 година. Со новата подзаконска регулатива започната е имплементација на дел од стратешките насоки за развој на платниот систем зацртани во Стратегијата за развој на платниот систем на Република Македонија до 2011 година.
Советот на Народната банка усвои Методологија за изготвување на финансиска статистика со посебен осврт на изготвување на базичната сметка на парични текови. Во оваа методологија е дадена генералната рамка за изготвување на нов сет на макроекономска статистика - финансиска статистика - која ги прикажува состојбите и тековите на финансиските средства и обврски помеѓу институционалните сектори во економијата.
Советот на денешната седница разгледа и други документи поврзани со тековното работење на Народната банка.
Кабинет на гувернерот