Скопје, 29.10.2004 година
Континуираните напори на деловните банки за стриктно придржување кон прудентните супервизорски стандарди и зацврстувањето на банкарската супервизија од страна на Народна банка на Република Македонија влијаат во правец на зголемување на здравоста и сигурноста на банкарскиот сектор во Република Македонија. Следствено, се зголемува довербата на економските субјекти во банките што се манифестира преку пораст на депозитите.
Според официјалните податоци вкупните депозити на недржавниот сектор, исклучувајќи ги притоа депозитните пари како трансакциони депозити, се зголемија за 24,6% на годишна основа (септември 2004 година / септември 2003 година) и достигнаа 63.060 милиони денари. Притоа, мошне динамичен пораст од 42,8% е регистриран кај депозитите на претпријатијата. Депозитите на населението исто така остварија значаен пораст од 19,0%.
Од аспект на валутната структура, поинтензивен годишен пораст од 30,5% остварија денарските депозити, додека девизните депозити се зголемија за 21,5%. И покрај тоа што во набљудуваниот период девизните депозити остварија побавен релативен пораст, тие и понатаму имаат доминантно учество во вкупните депозити од 64,2%.
Во однос на рочноста, пораст остварија само краткорочните депозити и тој изнесуваше 27,7%, за разлика од долгорочните депозити кои имаа пад од 4,6%. Со тоа учеството на краткорочните депозити во вкупните депозити дополнително се зголеми за 2,2 процентни поени и достигна 92,7%.
Народна банка на Република Македонија очекува позитивниот тренд на движење на депозитите на недржавниот сектор да продолжи и во последниот квартал од 2004 година. Притоа се очекува на крајот од 2004 година вкупните депозити, без депозитните пари, да достигнат 25,4% од проектираниот бруто домашен производ, што би претставувало пораст за 4,3 процентни поени во однос на учеството од 21,1%, остварено на крајот од 2003 година.