Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 29.08.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Во рамки на активностите за заштита на потрошувачите при користење на кредити, Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница ги усвои Одлуката за методологијата за пресметување годишна стапка на вкупните трошоци и Одлуката за начинот и постапката на вршење надзор над банките и штедилниците во доменот на заштитата на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Овие Одлуки се донесени врз основа на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Со овој Закон, Народната банка се овластува да пропише единствени правила за утврдување на годишната стапка на вкупните трошоци што едно физичко лице треба да ги подмири кон давателот на кредитот при одобрување на потрошувачки кредит. Оваа методологија ќе се применува од страна на сите даватели на потрошувачки кредити - банки, штедилници и други трговски друштва и трговци поединци кои одобруваат кредити или заеми на физички лица. На овој начин, преку обезбедување на споредлива основа за условите на кредитирање, се очекува да се олесни одлучувањето на потрошувачот при изборот давател од кој ќе користи кредит. Исто така, Народната банка подетално го определи начинот на вршење надзор над банките и штедилниците во доменот на заштитата на потрошувачите.
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница ја усвои и Одлуката за начинот на работењето на филијала на странска банка. Со оваа Одлука, подетално се пропишува примената на одредбите од Законот за банките од страна на филијалите на странски банки, кои се однесуваат на супервизорските стандарди, управувањето во филијалата, сметководството и ревизијата, банкарската тајна, како и на супервизијата, надзорот и мерките кои Народната банка може да ги преземе спрема нив.
Советот ги усвои и Одлуките за измени и дополнувања на Одлуката за начинот и условите за отворање и водење на сметки на нерезиденти и на Одлуката за начинот на отворање девизни сметки на резиденти. Со измените, во одредени аспекти се олеснува отворањето сметки од страна на нерезиденти физички лица, преку утврдување на случаите во кои може да се отвори сметка на нерезидент кој физички не е присутен во банката. Исто така, на банките им се овозможува и дополнителен рок за усогласување со одредбите кои се однесуваат на начинот на отворање девизна сметка на резидент (идентификација на резидентот, потребна документација и склучување договор), со оглед на тоа што за ова усогласување е потребна надградба на постојните софтверски решенија на банките.
Советот на НБРМ беше информиран за најновите движења во македонската економија. Во периодот јануари - јули 2007 година е остварена годишна стапка на инфлација од 0,9%. Согласно поволните движења во екстерниот сектор, НБРМ на девизниот пазар и натаму остварува нето откуп на девизни средства, што овозможи состојбата на бруто девизните резерви на 17.08.2007 година да биде повисока од нивото на крајот на 2006 година за 58,5 милиони евра и покрај реализираниот висок одлив за предвремена отплата на јавен долг кон странство. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ одржана на 22.08.2007 година е остварена просечна каматна стапка од 5,13%. Растечкиот тренд на вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор продолжува. Во јули 2007 година вкупните депозити се зголемени за 37,3%, а пласманите на банките во приватниот сектор за 34,3%.
Кабинет на увернерот