Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 29.05.2008 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во 2007 година. На 31.12.2007 година, вкупната актива на банкарскиот систем на Република Македонија достигна износ од 223,7 милијарди денари, што во однос на 31.12.2006 година, претставува пораст од 28,5%. Главен двигател на растот на активата на банките, а воедно и најзначаен извор на финансирање на банкарските активности, беа депозитите на нефинансиските субјекти. Трендот на забрзана кредитна активност на банките продолжи со поголем интензитет и во текот на минатата година, при што вкупните кредити на нефинансиските субјекти забележаа годишна стапка на пораст од 39,1%. Кредитите на населението растеа најинтензиво, со годишна стапка од 56,2%, додека, според видот на кредитниот производ наменет за населението, најбрзо растеа кредитите по основ на кредитни картички и пречекорувањата по тековни сметки со 121,5% и 76,6%, соодветно.
Паралелно со порастот на активата, во текот на 2007 година, продолжи трендот на нејзино позитивно преструктурирање, со пораст на учеството на каматоносната актива за сметка на намаленото учество на нискокаматоносната и некаматоносната актива на банките. Притоа, учеството на кредитите на нефинансиските субјекти се зголеми од 45,7% на 50,9% од вкупната актива на банките, наспроти натамошното намалување на учеството на пласманите кај другите домашни и странски банки, кое од 27,1% се сведе на 20,9%. Во 2007 година продолжи трендот на подобрување на профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот сектор. Така, во 2007 година, вкупната добивка на ниво на банкарскиот систем изнесуваше 3,65 милијарди денари и во споредба со 2006 година се зголеми за 30,4%. Стапката на повратот на капиталот (ROE) на банките на крајот на 2007 година, изнесуваше 15,2% и забележа подобрување за 2,9 процентни поени, додека показателот за поврат на активата (ROA) се задржа на истото ниво како и во 2006 година (1,8%). Подобрената профитабилност се должи не само на зголемената активност на банките, туку и на нивната подобрена ефикасност. Така, учеството на оперативните трошоци во вкупните редовни приходи на годишна основа, се намали и на крајот на 2007 година изнесуваше 58,4%.
Банкарскиот сектор одржува релативно висока и стабилна солвентна позиција, пришто на 31.12.2007 година, просечната стапка на адекватност на капиталот изнесуваше 17%. Кредитниот ризик остана доминантен ризик на којшто се изложени банките во своето работење. На 31.12.2007 година, учеството на изложеноста со повисок ризик (класифицирана во категориите на ризик В, Г и Д) во вкупната изложеност на кредитен ризик изнесуваше 5,7%, што претставува намалување од 1,9 процентни поени во однос на 31.12.2006 година. Сепак, кај кредитната изложеност кон секторот население регистрирано е извесно влошување на квалитетот на кредитното портфолио кај потрошувачките кредити, кредитните картички и пречекорувањата по тековните сметки.
Советот го разгледа и Извештајот за независното потврдување на извршената сопствена проценка на работењето на Дирекцијата за внатрешна ревизија на Народната банка. Оваа екстерна проценка на работењето на внатрешната ревизија на Народната банка беше извршена согласно меѓународните стандарди на Институтот за внатрешни ревизори од страна на експертски тим од Холандската Централна Банка во ноември 2007 година.
На денешната седница на Советот на НБРМ беа презентирани и најновите макроекономски движења, а беа разгледани и други прашања од доменот на работењето на Народната банка.
Кабинет на гувернерот