Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата шеста седница, на која беа разгледани повеќе прашања.
Скопје, 29.04.2010 година
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата шеста седница, на која беа разгледани повеќе прашања.
На денешната седница Советот го разгледа и усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во 2009 година. Беше заклучено дека банките во Република Македонија во 2009 година го задржаа своето прудентно работење и својата стабилност, иако одредени индиректни ефекти од глобалната економска криза беа почувствувани и кај банкарскиот сектор.
Постепеното стабилизирање на глобалната и домашната економска активност, намаленото влијание на психолошките притисоци врз одлучувањето на економските субјекти, како и натамошната усогласеност на банките со макропрудентните мерки преземени од страна на НБРМ беа главни двигатели на позитивните стапки на пораст на вкупната актива и вкупните депозити на банкарскиот систем. На 31.12.2009 година, вкупната актива на банкарскиот систем достигна 268,5 милијадри денари. Споредено со крајот на 2008 година, таа оствари пораст од 7,1%.
Депозитите останаа доминантен извор на средства на банките, зафаќајќи 70% од вкупната актива. На годишна основа депозитите се зголемија за 3,8% и на крајот на 2009 година достигнаа 189 милијарди денари. Во 2009 година беше присутна валутна трансформација кај депозитите, пред се како последица на психолошките притисоци предизвикани од меѓународната криза. На годишна основа, девизните депозити се зголемија за 21,3% и достигнаа учество од 56,2% во вкупната депозитна база.
Под влијание на затегнатите услови на кредитирање како прудентен одговор на банките на меѓународната криза), динамиката на кредитната активност на банките забави. Годишната стапка на раст на кредитите на нефинансиски лица за 2009 година изнесува 3,5%, за разлика од минатогодишната двоцифрена стапка на раст од 34,4%.
Најприсутен во работењето на банките е кредитниот ризик. На 31.12.2009 година, учеството на изложеноста класифицирана во категориите на ризик В, Г и Д во вкупната изложеност на банките достигна 7,9%, што е за 1,5 процентни поени повеќе во однос на 2008 година. Исто така, се забележува влошување на степенот на покриеност на изложеноста класифицирана во категориите В, Г и Д со издвоени исправка на вредност и посебна резерва, кој на 31.12.2009 година изнесува 82,4% (годишно намалување за 8,8 процентни поени).
Во текот на 2009 година, банките непречено и навремено ги извршуваа своите обврски. На 31.12.2009 година, ликвидната актива на банкарскиот систем достигна 67.461 милиони денари. Нејзиното учество во вкупната актива изнесува 25,7% и таа обезбедува задоволително ниво на покриеност на депозитите од населението (53,7%) и на краткорочните обврски (37,5%). Според очекувањата на банките, нивото на стабилни депозити до седум дена изнесува 83%.
Профитабилноста на банките во 2009 година, беше пониска споредено со претходните години. Во 2009 година, вкупната нето-добивка на банките изнесува 1.676 милиони денари, што е за 51% помалку отколку во 2008 година. Стапката на поврат на активата е повеќе од преполовена во споредба со претходната година и изнесува 0,6%. Во исто време, стапката на поврат на капиталот забележа значителен пад и за прв пат во последните неколку години забележа едноцифрено ниво (5,6%).
Солвентноста на банките остана на релативно високо ниво. На 31.12.2009 година, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесуваше 16,4% што е двојно повисоко од законски пропишаниот минимум од 8%. Дополнително на стабилната солвентна позиција на банките, наодите на стрес тестовите кои ги спроведува НБРМ, покажуваат дека банкарскиот сектор во Република Македонија покажува солиден степен на стабилност и отпорност на различни хипотетички шокови.
На денешната седница Советот ја донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите и постапката за спроведување на планот за рехабилитација и планот за пренос на средствата и обврските. Со овие измени и дополнувања се врши поточно определување на средствата коишто можат да се продаваат при спроведувањето на планот за рехабилитација на банка, како и на средствата коишто може да се пренесуваат при спроведувањето на планот за пренос на средствата и обврските на банка во администрација. Покрај овие измени, со Одлуката поточно се определуваат одделните права и обврски на администраторот и гувернерот во поглед на одлуката за избор на банка-купувач и за прекинување на постапката за пренос на средствата и обврските на банката во администрација.
Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање дозвола и согласност за вршење на услуги брз трансфер на пари и услови за склучување на договор помеѓу давател на услуга брз трансфер на пари и субагент со која се врши усогласување на одредбите во Одлуката со Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.
Советот на денешната седница разгледа и други прашања од своја надлежност.