По повод неоснованите шпекулации кои се појавија кај одредени медиуми за можна девалвација на денарот во однос на германската марка и тоа во време кога превземените активности од страна на Народната банка на Република Македонија започнаа да покажуваат успех во смирување на девизниот курс и неговото враќање на претходното ниво, Народна банка на Република Македонија ја известува јавноста дека и понатаму ќе продолжи со примена на мерки кои ќе овозможат одржување на стабилен курс на денарот во однос на германската марка.
Во исто време повторно потсетуваме дека стабилноста на курсот на денарот во однос на германската марка претставува номинално сидро на монетарната политика во одржувањето на макроекономската стабилност во Република Македонија, што како цел е зацртана во Одлуката за монетарната и кредитна политика за 2001 година и е донесена од страна на Собранието на Република Македонија.
За остварување на оваа цел и одржување на стабилен курс на денарот во однос на германската марка, Народната банка на Република Македонија преку банкарскиот систем превзема и понатаму ќе продолжи да ги превзема сите потребни активности, мерки и инструменти кои и се на располагање.
Поради тоа апелираме до јавните медиуми да не предизвикуваат зголемување на вознемиреноста кај населението со објавување на вакви неосновани шпекулации.