Скопје, 28.12.2004 година
Соопштение на НБРМ
Канал 5 Телевизија на 22.12.2004 година објави неточни информации во врска со Еуростандард банка а.д. Скопје. Народна банка на Република Македонија на 23.12.2004 година одговори на Канал 5 Телевизија со демант.
Канал 5 Телевизија до денес не го објави демантот на Народна банка на Република Македонија. Во прилог, Ви го испраќаме демантот на Народна банка на Република Македонија испратен до Канал 5 Телевизија.
Со почит,
Дирекција за банкарска супервизија
Директор
Илија Граорковски
До Канал 5 Телевизија
Скопје
Скопје, 23.12.2004 година
Почитувани,
Во врска со вчера објавените информации на вашата телевизија околу Еуростандард банка а.д Скопје и нејзината акционерска структура, Народна банка на Република Македонија, тргнувајќи од фактите и документацијата со која располага, а во интерес на објективно информирање на јавноста во Република Македонија, го соопштува следното:
На 24.11.2000 година, во Народна банка на Република Македонија е добиено барање за основање на банка под назив Еуросвисс банка АД Скопје. Како основачи на Банката при нејзиното основање се јавуваат три друштва со по 1/3 акционерско учество. Во периодот од поднесувањето на барањето (24.11.2000 година), до 12.03.2001 година, во Народна банка на Република Македонија, беше направена анализа на целокупната доставена документација за да се утврди дали се исполнети законски пропишаните критериуми за издавање на дозвола за работа на нова банка, што, помеѓу другото, вклучува и анализа на идентитетот, статусот и финансискиот интегритет на лицата кои се јавуваат како потенцијални акционери на новата банка. Притоа, заради целосно утврдување на фактите, Народна банка на Република Македонија на повеќе наврати бараше дополнителна документација со крајна цел, целосно расчистување на идентитетот на потенцијалните акционери на новата банка и нивните акционерски структури. Во текот на тој процес, сите барани информации беа доставени со што Народна банка доби документирани докази за акционерските структури на друштвата кои се јавуваат како основачи, односно потенцијални акционери на новата банка. Со тоа, трите друштва - потенцијални акционери на банката, целосно се идентификуваа пред Народна банка на Република Македонија.
Истовремено, заради докажување на својот финансиски интегритет, односно финансиска сила потребна да станат основачи на банка и да го поддржуваат нејзиното работење, беа добиени документирани докази дека трите друштва - потенцијални акционери, направиле значителна докапитализација и ги зајакнале своите биланси.
Со тоа, Народна Банка на Република Македонија ги доби сите потребни документи и информации за идентитетот, статусот и финансискиот интегритет на акционерите врз основа на што се оцени дека тие ги исполнуваат сите услови за да станат акционери на банка во Република Македонија. Врз основа на ова и на другата доставена документација, на 12.03.2001 година, Народна Банка на Република Македонија издаде решение за издавање на привремена дозвола за основање и работење на Еуросвисс Банка АД Скопје, подоцна преименувана во Еуростандард банка АД Скопје. Конечна дозвола за работа банката доби на 14.08.2001 година, откако беше уплатен и потребниот капитал пропишан во Законот за банките.
На крајот, би сакале да укажеме дека секое изнесување на непроверени информации во јавноста околу подделни банки, без да се направи длабинска анализа на сите факти, може да наштети единствено на угледот на тие банки со свои последици врз довербата во банките во Република Македонија.
Со почит,
Дирекција за банкарска супервизија
Директор
Илија Граорковски