Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 28.09.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го усвои Извештајот за управувањето и ракувањето со девизните резерви на Република Македонија во првото полугодие од 2006 година. Девизните резерви на Република Македонија во првото полугодие од 2006 година се зголемени за 118 милиони евра и на 30.06.2006 година достигнаа 1.241 милиони евра. Порастот на девизните резерви пред с? е резултат на приливот на девизи врз основа на приватизацијата на ЕСМ-дистрибуција, поволните движења во билансот на тековните трансфери и зголемувањето на странските портфолио инвестиции.
Во првото полугодие на 2006 година Народна банка го унапреди и го усогласи начинот на управување со девизните резерви со основните принципи на управување прифатени од централните банки на развиените земји. Портфолиото на девизните резерви го сочинуваат три дела: злато, ликвидносно портфолио, со кое се обезбедува тековно спроведување на монетарната политика и редовно и навремено плаќање на обврските на Република Македонија спрема странство, и инвестициско портфолио, кое овозможува остварување на поголеми приходи од пласирањето на девизните резерви.
Девизните резерви се пласираат кај централни банки на земји-членки на OECD, меѓународни финансиски институции и комерцијални банки резиденти на земји-членки на OECD.
На денешната седница на Советот на НБРМ беше разгледан Кварталниот Извештај II/2006 и воедно Советот беше информиран за последните макроекономски остварувања во Република Македонија. Имено, во периодот јануари - август 2006 година е регистрирана просечна стапка на инфлација од 3,3%, која главно е детерминирана од влијанието на немонетарни фактори. Така, со исклучување на варијабилните категории од индексот (цените на производите за исхрана и на цените на енергентите), како и дополнителна корекција за ефектот од зголемувањето на акцизите на цигарите на почетокот на годината, просечната стапка на инфлација изнесува 1,5%.
На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, што овозможува континуиран пораст на бруто девизните резерви врз основа на нето откуп на девизи од страна на НБРМ. Притоа, реализираните приливи врз основа на приватни трансфери од странство во првата половина од 2006 година во однос на истиот период од претходната година се повисоки за 23,9% и изнесуваат 420,6 милиони евра, што придонесува за неутрализирање на ефектите од трговскиот дефицит врз тековната сметка на билансот на плаќање. Следствено, дефицитот на тековната сметка на платниот биланс во првата половина од 2006 година изнесува 68,4 милиони евра и е понизок во однос на истиот период од минатата година за 33,4%. На последните аукции на благајнички записи, просечната каматна стапка се одржува на ниво од околу 5,3%.
Вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор и натаму бележат двоцифрени стапки на пораст. Така, во август 2006 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на банките се повисоки за 26,1%. Истовремено, меѓугодишниот пораст на вкупните пласмани на банките одобрени на приватниот сектор во август 2006 година изнесува 26,5%.
Кабинет на гувернерот