Скопје, 28.09.2002 година
Соопштение на НБРМ
Денес, 28.09.2002 година, делегацијата на Република Македонија предводена од гувернерот на Народна банка на Република Македонија, г-дин Љубе Трпески, која е во посета на Годишното собрание на ММФ и Светска банка, оствари средба со г-дин Јоханес Лин, директор на Европскиот оддел при Светска банка. На средбата беше потврдена определбата на Светска банка да биде партнер на Република Македонија во наредниот четиригодишен период во спроведувањето на реформските активности неопходни за поттикнување на економскиот раст. Г-дин Лин изрази задоволство што во Република Македонија се задржа макроекономската стабилност, како и од прогресот во реформите во банкарскиот систем. Притоа, беше изразена подготвеност од страна на раководството на Светска банка, во првата половина од наредната година да се заврши документот за долгорочна стратегија на Светска банка за соработка со Република Македонија во следните четири години. Во неа ќе бидат дефинирани реформските активности коишто владата во соработка со Светска банка треба да ги оствари во наредниот период. Гувернерот Трпески посебно потенцираше дека ангажманот на Светска банка мора да биде насочен кон намалување на невработеноста како еден од најактуелните економски проблеми со кои се соочува Република Македонија. Директорот на Европскиот оддел при Светска банка изрази подготвеност да ја посети Република Македонија на пролет следната година.
Делегацијата на Република Македонија оствари средба и со новиот министер за развој на Кралството Холандија, г-ѓа Ван Ардене. Гувернерот Трпески се заблагодари за досегашната несебична поддршка што Холандија и ја даваше на Република Македонија на економски и на финансиски план и ја потенцира потребата таквата соработка да продолжи и во иднина. Министерот за развој, г-ѓа Ардене изрази подготвеност за понатамошна соработка помеѓу Холандија и Македонија и вети дека Република Македонија и натаму ќе остане во редот на најприоритетните земји кои Холандија ќе ги помага на економски и финансиски план.
Вчера, 27.09.2002 година, делегацијата на Република Македонија, присуствуваше на состанокот на Холандската Конституенца во која Република Македонија е членка и преку која е претставена во Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка. На состанокот се разгледаа и усвоија извештаите коишто гувернерот на Централната банка на Холандија и министерот за финансии на Холандија, денес треба да ги поднесат на состаноците на Меѓународниот монетарен и финансиски комитет при ММФ и Комитетот за развој при Светска банка. Исто така, на состанокот беа претставени новите извршни директори што ќе ја претставуваат Холандската Конституенца во ММФ и Светска банка, г-дин Кремерс и г-дин Мелкерт, додека на досегашните извршни директори, г-дин Вијнхолдс и г-дин Стек им беше изразена голема благодарност за нивниот ангажман и придонес за време на нивниот мандат, во афирмацијата на интересите на земјите членки на Конституенцата.
На крајот на состанокот, присутните го прифатија и поздравија предлогот на гувернерот Трпески, Република Македонија да биде домаќин на следниот годишен состанок на Конституенцата кој треба да се одржи во март, 2003 година.
Вашингтон, 28.09.2002 година
Кабинет на гувернерот