На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија усвои дополнителни мерки насочени кон зачувување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност во економијата
На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија усвои дополнителни мерки насочени кон зачувување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност во економијата.
За таа цел, Советот усвои нова Одлука за задолжителната резерва и усвои измени и дополнувања на Одлуката за управување со ликвидносниот ризик.
Со Одлуката за задолжителната резерва се пропишува:
1) Зголемување на стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во странска валута од 10% на 13%. Притоа, се пропишува дополнителните три процентни поени да се издвојуваат во денари наспроти останатите десет процентни поени, коишто и натаму ќе се издвојуваат во девизи;
2) Зголемување на стапката на задолжителната резерва за обврски на банките искажани во домашна валута со валутна клаузула од 10% на 20%;
3) Давање можност на банките целосно да ги користат средствата од задолжителната резерва издвоени во денари за своите дневни ликвидносни потреби.
Со измените на Одлуката за управување со ликвидносниот ризик се пропишува:
1) Банките да ги вклучуваат своите пласмани во инструментите на монетарната политика на Народната банка, со исклучок на задолжителната резерва во евра, без оглед на тоа дали се пласмани во денари или во странска валута, во пресметките на стапките за утврдување на потребното минимално ниво на денарска или девизна ликвидност;
2) Да продолжи динамиката за достигнување на минималното ниво на денарска и девизна ликвидност на банките за периодот од 01.07 2009 - 31.12.2009 година со истото темпо, коешто беше определено за изминатите четири месеци од оваа година.
Новите решенија во наведените одлуки се очекува да влијаат на:
1) Поттикнување на растот на штедењето во денари;
2) Намалување на побарувачката на девизи и стабилизирање на девизниот пазар;
3) Создавање услови за поголема флексибилност кај банките во управувањето со ликвидноста и полесно надминување на евентуалните краткорочни ликвидносни флуктуации; и
4) Одржување и продолжување на градењето прудентни стандарди во работењето на банките во Република Македонија.
Донесените одлуки, всушност, претставуваат континуитет во преземањето мерки од страна на Народната банка за одржување на стабилноста на девизниот курс, како посредна цел во одржувањето и на ценовната стабилност и на финансиската стабилност на системот во целина. Анализите на Народната банка укажуваат дека и овие дополнителни мерки се нужни, бидејќи ризиците, особено кај надворешниот сектор од нашата економија, продолжуваат да постојат со несмален интензитет. Имено, последните расположливи податоци покажуваат дека:
1) Во првите месеци од годината, двојно е зголемен дефицитот во тековната сметка, во услови кога нето-приливите во капитално-финансиската сметка се пониски за околу 40%, што доведе всушност до високиот обем на интервенции од девизните резерви. Со состојба на 22.05.2009 година, бруто девизните резерви изнесуваат 1.184,7 милиони евра и во однос на крајот на 2008 година тие се намалени за 310,2 милиони евра. Притоа, најголем придонес за продлабочување на дефицитот на тековната сметка има продлабочувањето на јазот меѓу извозот и увозот на годишна основа, согласно со поголемиот пад на извозот од 34,5% наспроти падот на увозот од 16,7% во првото тримесечје. Намалувањето на надворешната побарувачка, чие закрепнување нема да се случи на краток рок, особено ги погоди нашите најзначајни извозни гранки (годишно намалување на нето-извозот на железото и челикот за 74,7% и на облеката и текстилот за 12,7%). Од друга страна, пак структурната анализа на увозот покажува годишен пораст на увозот на стоки за широка потрошувачка во првиот квартал за 1,9%, со што ја надминува проекција на НБРМ за 15,6%. Во првиот квартал, увозот на возила на годишна основа е понизок за 18,8%, но сепак и оваа категорија ја надминува проекцијата на НБРМ (за 9,9%). Ова покажува дека и покрај постепеното забавување на кредитниот раст, сепак, увозот на потрошните добра бавно се прилагодува на нивото на расположливоста на девизните средства во домашната економија.
2) На продлабочувањето на дефицитот на тековната сметка влијаат и пониските нето-приливи од менувачкото работење (како доминантна компонента на приватните трансфери), коишто на кумулативна основа, заклучно со април, бележат пад од 29,3%. Иако во април овие приливи остварија годишен пораст, сепак нивната натамошна динамика е тешко предвидлива во услови на глобална криза од вакви размери.
Советот на НБРМ беше информиран и за останатите макроекономски движења. Трендот на забавување на инфлацијата продолжи и во април 2009 година, кога на годишна основа е регистрирано намалување на трошоците за живеење од 0,5%, главно поради високата споредбена основа која услови годишен пад на цените на нафтените деривати и на храната. Во првите четири месеци на 2009 година, кумулативната динамика на просечниот раст на цените постојано забавува и инфлацијата, во просек, изнесува 0,6%. Трендот на забавување на динамиката на годишниот раст на вкупните депозити и кредити кај приватниот сектор продолжи и во април. Годишната стапка на раст на вкупните депозити кај банките (со депозитни пари) во април изнесува 6,3% (наспроти 7,7% во претходниот месец), што е главно одраз на годишниот пораст на девизните депозити од 23,6%, додека денарските депозити во април 2009 година, во однос на истиот месец од претходната година, беа пониски за 8%. Во април 2009 година, кредитирањето од страна на банкарскиот сектор на годишна основа е повисоко за 21,4%, наспроти 25,3% во март 2009 година, при поинтензивно забавување на годишната стапка на раст кај кредитите на домаќинствата.