Скопје, 28.05.2007 година
Соопштение на НБРМ
За збогатување на статистичко-информативната основа за носење на квалитетни одлуки од областа на макроекономијата, Народната банка, започнувајќи од оваа година, ќе изготвува извештаи за меѓународната инвестициона позиција на Република Македонија. Првиот таков извештај ќе биде објавен на веб страната на Народна банка на Република Македонија почнувајќи од 5-ти јуни оваа година. Овој извештај ќе се изготвува и објавува секоја година, со интенција во наредниот период да се работи на проценка на одделни категориите од извештајот и на квартална основа. Со тоа, Република Македонија се приклучува кон групата земји кои што се редовни изготвувачи на овој стандарден извештај, применувајќи методолошко-статистичка основа во согласност со меѓународните стандарди и препораки.
Меѓународната инвестициона позиција, како дел од стандарниот сет на макроекономски статистики (покрај монетарната статистика, платнобилансната статистика, статистиката на јавни финансии и национални сметки), претставува статистички извештај кој ја прикажува состојбата и структурата на финансиските побарувања (средства) на резидентите од нерезидентите и финансиските обврски на резидентите кон нерезидентите кои произлегуваат од нивното меѓусебно работење. Со други зборови, меѓународната инвестициона позиција претставува биланс на состојба на меѓународните финансиски средства и обврски на една земја на определен датум, најчесто на крајот на годината.
Воведувањето на Извештајот за меѓународна инвестициона позиција на Република Македонија, освен од потребата за задоволување на меѓународните препораки и стандарди, произлезе и од потребата за подобро детерминирање и разбирање на меѓународните економски односи на земјата со остатокот од светот. Овој извештај дава можност за проценка на финансиската кондиција на земјата, како и проценка на економската интеграција на домашната економија во меѓународни рамки.
Согласно обработените податоци, меѓународните обврски на Република Македонија на крајот на 2005 година беа повисоки од меѓународните средства, што детерминираше нето меѓународната инвестициона позиција на Република Македонија (пресметана како разлика помеѓу меѓународните средства и меѓународните обврски) да има негативен предзнак и да изнесува околу 42% од бруто домашниот производ (БДП) на земјата. Анализирано структурно, на страната на меѓународните средства најзначајно учество имаат меѓународните официјални резерви на Република Македонија (учество од околу 54% во вкупните меѓународни средства) и валутите и депозитите на банкарскиот сектор кај странските банки (учество од околу 30%). На страната на меѓународните обврски најзначајно е учеството на користените заеми и кредити од странство (учество од околу 48% во вкупните меѓународни обврски) и на странските директни инвестиции во земјата (учество од околу 44%).
Анализирано по пооделни земји и групации, на крајот на 2005 година "негативна" меѓународна инвестициона позиција имаат САД (над 20% од БДП), евро зоната (околу 10% од БДП), Словенија (околу 8% од БДП) и Хрватска (околу 66% од БДП - поради релативно високата надворешна задолженост). Земји кои имаат позначајно позитивно салдо на нивните меѓународни инвестициони позиции се Швајцарија, Луксембург, Јапонија и други.
Кабинет на гувернерот