Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 28.03.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот донесе Одлука за условите и начинот на одобрување кредити во девизи и кредити во денари со девизна клаузула меѓу резиденти со која се пропишуваат услови под кои банките може да го извршуваат овој вид кредитна активност. Притоа, банките се должни да пропишат соодветни политики и процедури за управување со ризиците кои произлегуваат од овие активности. Исто така, Одлуката предвидува банките да одобруваат кредити во девизи или во денари со девизна клаузула исклучиво на резиденти кои се класифицирани во категориите на ризик А и Б и/или кои обезбедиле првокласен инструмент за обезбедување. Во однос на начинот на одобрување кредити во девизи меѓу резиденти, предвидено е исплатата на кредитот да биде во девизи доколку е наменет за плаќање на обврска спрема странство. За плаќање на обврски на резидентите во земјата, исплатата на кредитот ќе се врши во денари.
Советот донесе Одлука за методологијата за утврдување нето-должник на банка со која се врши попрецизно идентификување на нето-должниците, кои согласно со Законот за банките не може да бидат членови на управните одбори на банките. Притоа, во Методологијата за утврдување нето-должник на банка, употребата на квартален просек на пресметување на просечните годишни побарувања и обврски на банките, се заменува со месечен просек.
Советот ја разгледа Информацијата за употребата на платните инструменти во Република Македонија во 2005 година. При тоа, Советот беше информиран за бројот на сметки преку кои се вршат плаќања и нивната достапност за плаќања преку електронски систем. Исто така беа презентирани инструментите кои се користат за вршење на плаќања во земјата, како што се кредитните налози, чековите, налозите за дирекно задолжување и платежните картички, како и уредите на кои се користат платежните картички во земјата. Покрај тоа, се направи споредба и со неколку земји од регионот кои објавуваат вакви информации. Информацијата се базира на податоците доставени од носителите на платниот промет, преку Информациониот систем развиен од Народна банка за оваа намена.
Советот на НБРМ ги разгледа и усвои Кварталниот извештај 4/2005, Месечната информација за јануари 2006 година, како и најновите макроекономски движења. Притоа, Советот констатираше дека просечната стапка на инфлација во периодот јануари - февруари 2006 година изнесува 2,7% и е главно детерминирана од зголемувањето на акцизата и дополнителните давачки за цигарите .
Вкупните депозити во февруари 2006 година се зголемија за 17,6% во однос на истиот месец на 2005 година, укажувајќи на натамошен пораст на штедењето и зајакната доверба во банкарскиот сектор. Тоа создава услови за зајакнување на кредитната активност на банките, така што во февруари 2006 година вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор се повисоки за 19,6% во однос на февруари 2005 година. Каматната стапка на аукциите на благајнички записи на НБРМ и натаму се одржува на ниво помеѓу 6,5% и 7,0%. Од почетокот на март 2006 година, НБРМ заедно со Министерството за финансии, во рамки на аукциите на државни записи започнаа да нудат и државни хартии од вредност за монетарни цели, со цел постепена замена на благајничките записи и создавање на хомоген пазар на државни хартии од вредност.
Кабинет на гувернерот