Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 28.02.2008 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Со денешната седница, Советот на Народната банка го заокружи процесот на донесување на подзаконската регулатива согласно со новиот Закон за банките. Имено, во пропишаниот законски рок од девет месеци од денот на донесувањето на Законот за банките, Советот на Народната банка усвои вкупно 21 одлука со која се регулира основањето на банките, нивното работење, како и начинот на вршењето на супервизијата од страна на Народната банка. Во тие рамки, на денешната седница на Советот на Народната банка беа усвоени и следните одлуки:
Одлуката за управување со ризиците, со која се пропишуваат основните стандарди за управување со кредитниот ризик, пазарниот ризик, оперативниот ризик, валутниот ризик, ликвидносниот ризик, стратегискиот ризик и репутацискиот ризик на банките. Притоа, во Одлуката се предвидува обврска за банките за донесување на стратегија и соодветни политики за управување со ризиците, како и воспоставување соодветна организациска структура со јасно дефинирани надлежности и одговорности при преземањето и управувањето со ризиците.
Одлуката за условите и постапката за спроведување на планот за рехабилитација и планот за пренос на средства и обврски, која се применува на банка во која е воведена администрација. Со планот за рехабилитација на банка во администрација се предвидуваат активности за подобрување на нејзината финансиска состојба, со цел таа да продолжи да работи. Наспроти ова, доколку не постојат услови за подобрување на нејзината состојба, Одлуката предвидува можност, пред да се одземе нејзината дозвола за основање и работење на банката, да се изврши пренос на дел или сите нејзини депозити, кредити и друг имот и обврски во друга банка во Република Македонија. Со овој механизам се очекува да се зголеми ефикасноста при излезот на банка од банкарскиот систем. Воедно, целта е граѓаните и другите економски субјекти да можат слободно да располагаат со сопствените депозити и средствата врз основа на користените кредити, наместо тие да бидат доверители и должници во стечајната или ликвидациската постапка на банката.
Одлуката за управување со ликвидносниот ризик на банките, со која подетално се пропишуваат стандардите за управување со ликвидносниот ризик, како еден од позначајните ризици во работењето на банките. Согласно со Одлуката, секоја банка е должна, најмалку на годишна основа, да врши тестирање на ликвидноста во различни услови - стрес сценарија, со цел да се утврди нивното влијание врз ликвидноста на банката, да се подготви банката за работа во вонредни услови, како и да се оценат можностите за нејзин натамошен раст.
Одлуката за лимитите на изложеност, со која подетално се утврдува начинот на пресметка на дозволените лимити на изложеност на банката спрема одредено лице и лицата поврзани со него врз основа на одобрени кредити, купени хартии од вредност и капиталните делови кои банката ги има во тоа лице и лицата поврзани со него.
Одлуката за начинот на вршење на супервизија и надзор со која детално се уредува опфатот и содржината на супервизијата и надзорот преку кои се оценува сигурноста, стабилноста и усогласеноста на работењето на банките со прописите.
Одлуката за начинот на утврдување на поврзани лица, со која подетално се уредуваат случаите и условите под кои две или повеќе лица се сметаат за меѓусебно поврзани.
Одлуката за сигурноста на информативниот систем на банка, со која се пропишуваат стандарди на банките, кои треба да обезбедат зголемена безбедност и повисок степен на интегритет на нивните информации и податоци. Со оваа Одлука, Народната банка за прв пат воведува сигурносни стандарди во однос на електронското банкарство.
Советот ги разгледа и усвои Годишната сметка на Народната банка на Република Македонија за 2007 година, Финансиските извештаи изготвени во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување и Извештајот на независниот ревизор Прајсвотерхаускуперс дооел Скопје за Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија. Според мислењето на независниот ревизор финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија даваат вистинска и објективна слика на финансиската состојба, финансиската успешност и паричните текови за 2007 година.
На денешната седница, Советот на НБРМ ги разгледа движењата во македонската економија од почетокот на годината. Беше констатирано дека годишната стапка на инфлација во јануари 2008 година изнесува 8,7%, што главно се должи на повисоките цени на исхраната со придонес од 78%. Притоа, инфлацијата без исхраната изнесува 3,2%. Исто така беше констатирано дека продолжува растечкиот тренд на депозитите и кредитите на банкарскиот сектор и во јануари. Така, вкупните депозити на банките во јануари 2008 година во однос на истиот месец од претходната година се повисоки за 28,8%, при истовремен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор за 39,9%. Воедно, согласно најновите податоци за движењето на платите во економијата, евидентно е дека продолжува нивниот раст, при што просечната исплатена нето плата по вработен во декември 2007 година на годишна основа номинално е повисока за 12,2%, а реално за 5,7%. Советот констатира дека движењата на девизниот пазар се стабилни, дека Централната банка располага со соодветно ниво на девизни резерви кои гарантираат одржување на стабилноста на девизниот курс. Со состојба на 15.02.2008 година бруто девизните резерви достигнаа ниво од 1.522 милиони евра. НБРМ сеопфатно ги следи и анализира движењата во економијата и во зависност од натамошниот тек на цените и движењата на финансиските пазари, освен веќе преземените мерки, доколку е потребно ќе преземе и дополнителни заради стабилизирање на инфлациските очекувања.
Кабинет на гувернерот