Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење
Скопје, 27.12.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот ја разгледа и усвои Одлуката за монетарната политика за 2008 година. Во 2008 година се очекува умерено интензивирање на инфлацијата, така што просечната стапка на инфлација се очекува да изнесува околу 3%. Најголеми потенцијални ризици во однос на движењето на инфлацијата се движењето на цените на храната во светски рамки, евентуалниот натамошен раст на цените на нафтата и потенцијалните инфлаторни притисоци од страна на побарувачката. И во 2008 година се очекуваат поволни движења на девизниот пазар во функција на натамошен пораст на девизните резерви, како и продолжување на растечкиот тренд на депозитите и кредитите кај банките и следствено продлабочување на финансиската интермедијација во економијата. Во 2008 година НБРМ ќе продолжи да интервенира на девизниот пазар, што ќе биде проследено и со натамошна стерилизација на структурниот вишок на ликвидност, заради одржување на стабилноста на девизниот курс, а со тоа и одржување на стабилни инфлациски очекувања на долг рок.
Советот на денешната седница донесе Одлука за основните начела и принципи на корпоративното управување во банка. Со оваа Одлука подетално се уредуваат надлежностите и одговорностите на органите на управување и надзор, начелата за транспарентност при управувањето во банката, опфатот и организациската поставеност на функцијата за контрола на усогласеноста на работењето на банката со прописите и сл. Исто така, на денешната седница Советот усвои Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, чие донесување произлегува од одредбите на новиот Закон за банките и новата сметководствена рамка, како и од напорите за постојано следење и усогласување со Базелската капитална спогодба и Европските директиви од областа на банкарството. Најзначајните новини во оваа Одлука се однесуваат на начинот на пресметката на сопствените средства на банката, кој базира на новите сметководствени стандарди усогласени со Меѓународните стандарди за финансиско известување. Согласно со новиот Закон за платниот промет, на денешната седница на Советот на НБРМ, беше усвоена Одлуката за условите и начинот на работа на друштво за издавање електронски пари.
Советот донесе Одлука за престанување на важење на Одлуката за начинот и условите за работа на нерезиденти со хартии од вредност во Република Македонија. Со донесувањето на оваа Одлука, која стапува во сила од 01.01.2008 година, се врши целосна либерализација на купувањето на хартии од вредност од страна на нерезиденти, односно се укинуваат девизните права и останатите ограничувања за портфолио вложувања во хартии од вредност во Република Македонија. Укинувањето на оваа регулатива претставува изедначување на условите за странските портфолио инвеститори со останатите земји од регионот како и значително намалување на административниот товар при влезот на портфолио инвестициите. Истовремено, либерализацијата на портфолио инвестициите на нерезидентите е во насока на натамошна имплементација на преземените обврски од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација помеѓу Република Македонија и Европската Унија.
На денешната седница, Советот ги донесе и Одлуката за задолжителна резерва на банки, Одлуката за изменување на Одлуката за каматните стапки на Народна банка на Република Македонија и Одлуката за дополнување на Одлуката за задолжителна резерва на штедилниците во денари, со примена од 11.02.2008 година. Промените кај задолжителната резерва, главно се во насока на вклучување на нови категории сметки од билансите на банките со што ќе се обезбеди натамошна примена на основните принципи на инструментот - еднаков третман и широк опфат на обврските од билансите на банките.
Советот донесе две нови Одлуки од областа на платните системи кои произлегуваат согласно одредбите на новиот Закон за платниот промет. Тоа се Одлуката за начин и методологија на надзор на платните системи и Одлуката за критериуми и стандарди за работењето на платните системи. Усвоените одлуки преставуваат квалитативно подобрување на постојната подзаконска регулатива во насока на усогласување на надзорната функција на Народната банка на Република Македонија во доменот на платните системи со централните банки на земјите членки на ЕУ. Примената на овие одлуки започнува на 01.01.2008 година. Со овие две нови одлуки Народна банка на Република Македонија активно продолжува со практичната имплементација на стратешките насоки за развој на платниот систем зацртани во Стратегијата за развој на платниот систем на Република Македонија до 2011 година.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2007 година. Советот оцени дека речиси во целост се реализираа активностите предвидени со амбициозната Програма.
Советот ја донесе Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2008 година. Покрај заокружувањето на активностите започнати во изминатите години, во 2008 година активностите ќе опфатат и сосема нови проекти. Активностите специфицирани во Програмата што се надополнување на редовните активности треба да овозможат намалување на непотребните процедури, рационализирање на работните задачи, подобрување на управувањето со човечките ресурси, подобрувањето на координацијата помеѓу организационите единици и натамошмо унапредување на капацитетот на Банката.
Советот на НБРМ на денешната седница ја разгледа и усвои Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија во 2008 година.
Советот ги разгледа и усвои Финансискиот план, Планот за инвестиции и Планот за набавки на Народната банка на Република Македонија за 2008 година.
Кабинет на гувернерот