Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 27.10.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го разгледа Полугодишниот Извештај на НБРМ за периодот јануари - јуни 2006 и воедно беше информиран за последните макроекономски движења во македонската економија.
Во периодот јануари - септември 2006 година е остварена просечна стапка на инфлација од 3,3%. Притоа, инфлацијата се должи на повисоките цени на тутунот заради зголемената акциза и новите давачки, повисоките цени на производите за исхрана и повисоките цени на горивата и на електричната енергија, чијшто придонес изнесува 38%, 26% и 18%, соодветно. Доколку се изолира влијанието на цените на цигарите, храната и енергијата, просечната инфлација изнесува 1,2%.
На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, што овозможува континуиран пораст на бруто девизните резерви со што тие на 30.09.2006 година достигнаа 1.370,1 милион евра и во споредба со крајот на претходната година, бележат фактички пораст од 397,2 милиона евра. Порастот се должи на реализираниот нето откуп на девизниот пазар од страна на НБРМ од 180,9 милиони евра, како и приливот од приватизацијата на ЕСМ дистрибуција. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ, просечната каматна стапка изнесува 5,7%.
Продолжува трендот на високи меѓугодишни стапки на пораст на вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор. Така, во септември 2006 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на банките се повисоки за 24,5%, при истовремен пораст на вкупните пласмани на банките одобрени на приватниот сектор од 24,6%.
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија на Република Македонија во првата половина од 2006 година, при што беше заклучено дека позитивните трендови во банкарскиот систем продолжија и во текот на првата половина на 2006 година. На 30.06.2006 година вкупната актива на банките во Република Македонија достигна 149,9 милијарди денари, што претставува полугодишен пораст од 6,7%.
И покрај зголемениот обем на активности на банките, нивното вкупно ниво на ризичност бележи намалување. Кредитниот ризик останува доминантен ризик во работењето на банките, со перманентен тренд на негово намалување. Во текот на првото полугодие од 2006 година, учеството на кредитната изложеност класифицирана во категориите на ризик В, Г и Д во вкупната кредитна изложеност на банките се намали за 1 процентен поен и на 30.06.2006 година изнесуваше 9,9%.
Банкарскиот систем ја задржа својата стабилност, што се потврдува и со релативно високата стапка на адекватност на капиталот на банките, која на 30.06.2006 година изнесува 19,6%.
Зголемената активност на банките беше проследена и со зголемување на нивото на профитабилност. Заклучно со 30.06.2006 година, банкарскиот систем во Република Македонија оствари вкупна добивка во износ од 1 милијарда денари, што во споредба со 30.06.2005 година, претставува пораст од 8,9%.
Советот го усвои и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во првото полугодие на 2006 година.
Кабинет на гувернерот