Скопје, 27.10.2005 година
Соопштение на НБРМ
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која ги разгледа и усвои Полугодишниот извештај на Народна банка на Република Македонија за 2005 година, Извештајот за банкарска супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија, како и Извештајот за управување и ракување со девизните резерви на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2005 година. Согласно законската регулатива, овие извештаи се доставуваат до Собранието на Република Македонија за негово информирање.
Во првото полугодие од 2005 година монетарната политика на НБРМ се спроведуваше во амбиент на зголемена економска активност, дисциплинирана буџетска потрошувачка и поволни движења во екстерниот сектор. Остварен е реален пораст на БДП од 3,7% и намалување на дефицитот на тековната сметка од платниот биланс за 58,8% во однос на истиот период од претходната година. Народна банка на Република Македонија ја одржа ценовната стабилност, бидејќи при поволни движења на девизниот пазар и стабилен номинален девизен курс на денарот во однос на еврото остварена е просечна стапка на инфлација од 0,2%. Во првата половина од 2005 година регистриран е пораст на вкупниот депозитен потенцијал на банките од 29,4% на годишна основа, што претставува индикатор за натамошно јакнење на довербата во банкарскиот систем. Воедно, регистриран е и висок годишен пораст на вкупните пласмани на банките од 23,2%, што упатува на натамошно јакнење на финансиската интермедијација на банкарскиот сектор.
Бруто девизните резерви на крајот на јуни 2005 година изнесуваа 778 милиони евра и во однос на 31.12.2004 година се повисоки за 61 милион евра, главно како резултат на високиот нето откуп на девизи на девизниот пазар од страна на НБРМ, при едновремено навремено извршување на обврските на Република Македонија кон странство. Девизните резерви се пласирани во финансиски институции со висок кредитен рејтинг, странски централни банки и меѓународни финансиски организации, во соодветни финансиски инструменти. При ракувањето со девизните резерви Народна банка се раководи од принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност.
Податоците за тековните движења упатуваат на продолжување на позитивните трендови во економијата. Така, во првите девет месеци од 2005 година стапката на инфлација изнесува 0,4%, а индустриското производство оствари просечен пораст од 8,2%. Во тековната сметка од платниот биланс во јули е остварен суфицит од 31 милион евра. По започнувањето на примената на тендер на каматни стапки, на аукцијата на благајнички записи на НБРМ на 26.10.2005 година, е реализирана каматна стапка од 9,8%, што претставува намалување од 0,2 процентни поени.
Во банкарскиот систем продолжија позитивните движења и вкупниот финансиски потенцијал на банките на 30.06.2005 година достигна 132,2 милијарди денари, што претставува највисоко ниво од монетарното осамостојување на Република Македонија. Банкарскиот систем ја задржа својата стабилност, што се потврдува и со релативно високата адекватност на капиталот на банките, која на 30.06.2005 година изнесува 23,1%. Првата половина од 2005 година беше одбележана со значително подобрување на профитабилноста на банките, при што банкарскиот систем оствари позитивен финансиски резултат во износ од 947 милиони денари. На крајот од првото полугодие на 2005 година стапката на поврат на активата на банкарскиот систем изнесува 1,5%, додека стапката на поврат на капиталот изнесува 9,2%.
Кабинет на гувернерот