Скопје, 27.09.2000 година
Соопштение на НБРМ
Во врска со прашањата што од страна на медиумите се доставуваат до Народна Банка на Република Македонија, околу содржината на дијагностичките студии изработени од страна на ревизорската куќа Артхур Андерсен за четирите банки во Република Македонија, а посебно за Комерцијална банка а.д. Скопје, како и за нејзината стабилност како финансиска институција, го даваме следното
С О О П Ш Т Е Н И Е
Ревизорската куќа Артхур Андерсен изработи дијагностички студии за четири банки во Република Македонија, вклучително и за Комерцијална банка а.д. Скопје. Овие дијагностички студии беа изработени на барање на Светска банка и Република Македонија како подготвителна основа за склучување на ФЕСАЛ ИИ аранжманот со Светска банка. Имено, основната цел на изработката на овие дијагностички студии е да се утврдат сферите на реформи во банкарскиот систем на Република Македонија кои ќе бидат опфатени со овој аранжман со Светска банка. Согласно договорените услови кои претходеа на изработката на овие дијагностички студии, Народна Банка на Република Македонија не е овластена јавно да ја публикува содржината на дијагностичките студии, ниту пак да овозможи пристап до неа на неовластени лица.
Исто така, согласно член 47 од Законот за Народна Банка на Република Македонија (“Сл. Весник на РМ” бр. 29/96-пречистен текст и 37/98) и член 78 од Законот за банки (“Сл. Весник на РМ” бр. 63/2000), Народна Банка на Република Македонија врши перманентен надзор на работењето на банките, во вид на:
-постојана вонтеренска анализа на работењето на банките;
- непосредна теренска контрола во вид на целосни и делумни контроли. Согласно Годишниот план за целосни контроли, најмалку еднаш годишно, работењето на секоја банка е предмет на целосна супервизорска контрола.
Овие супервизорски контроли се во согласност со член 3 од Законот за Народна Банка на Република Македонија (“Сл. Весник на РМ” бр. 29/96-пречистен текст и 37/98), според кој Народна Банка на Република Македонија е одговорна за обезбедување и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем на Република Македонија.
Податоците добиени со извршувањето на супервизорската функција се од строго наменски карактер, насочени во правец на идентификување на евентуалното преземање на неоправдано високи ризици од страна на поодделни финансиски институции, што во крајна линија би можело да ја загрози стабилноста на банкарскиот систем во целина.
Согласно сознанијата од извршените супервизорски контроли, сите банки во Република Македонија, вклучувајќи ја и Комерцијална банка а.д. Скопје, кои поседуваат дозвола за работа од Народна Банка на Република Македонија, ги исполнуваат неопходните супервизорски стандарди во поглед на ризичноста на своето работење.
Заради остварување на поголема транспарентност во однос на начинот на работењето и перформансите на банките во Република Македонија, вклучително и Комерцијална банка а.д. Скопје, можат да се користат следните извори на податоци:
-Годишна пресметка, ревидирана од овластена ревизорска куќа, која банката е должна јавно да ја објави. Во согласност со ова, Комерцијална банка а.д. Скопје ја објавила својата годишна пресметка за 1999 година во дневните весници “Нова Македонија” и “Утрински весник” од 12.05.2000 година.
-Извештај за супервизорските и контролните активности на Народна Банка на Република Македонија, кој двапати годишно Народна Банка на Република Македонија го доставува до Собранието и Владата на Република Македонија. Почнувајќи од оваа година, по препорака на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, Извештаите за супервизорските и контролните активности на Народна Банка на Република Македонија ќе добијат јавен карактер. Согласно со тоа, “Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна Банка на Република Македонија во 1999 година” е во постапка на печатење и ќе биде бесплатно достапен на јавноста и медиумите во наредните десетина дена.
Со почит,
Заменик гувернер
Д-р Глигор Бишев