Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница, на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 27.08.2008 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница, на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот донесе Одлука за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар. Со оваа Одлука се заокружува последната фаза од реализацијата на проектот за унапредување на постојниот Кредитен регистар кој се води кај Народната банка на Република Македонија. Постојниот Кредитен регистар се унапредува во повеќе области. Тој ќе овозможи проширување на видот и опфатот на податоци кои ги содржи. Се предвидува известување по поединечна кредитна партија, наспроти досегашното збирно известување за сите кредитни партии на поединечен клиент. Покрај постојните, се обезбедуваат и дополнителни податоци, како што се: валутната структура на задолженоста на клиентите, рочноста на задолженоста, висината и видот на каматната стапка, износот на достасани побарувања, максималниот број денови на доцнење во отплатата на обврските, начинот на отплата на кредитот (еднократна или ануитетска отплата), статусот на кредитот (реструктуриран, пролонгиран), усогласеноста на девизната позиција на клиентот и видот и вредноста на обезбедувањето. Се намалува прагот на поединечна изложеност која се пријавува од страна на банките од 500.000 денари на 300.000 денари за правни лица и од 150.000 денари на 5.000 денари за физички лица, додека прагот на поединечна изложеност која се пријавува од страна на штедилниците, се намалува од 50.000 денари на 5.000 денари за физички лица. Роковите за доставување и обработка на податоците значително се скратуваат со што се овозможува понавремено информирање на корисниците на Кредитниот регистар. Податоците во унапредениот Кредитен регистар ќе се ревидираат секој месец наместо, како досега, секое тримесечје. Точноста на податоците во унапредениот Кредитен регистар во целост е одговорност на банките и штедилниците, коишто ги доставуваат податоците до Народната банка.
На денешната седница на Советот на НБРМ беа презентирани и најновите макроекономски движења, во рамки на Месечната информација 07/2008. Последните податоци за инфлацијата во јули укажуваат на забавување на растот на општото ниво на потрошувачките цени, при што годишната стапка на инфлација изнесуваше 9,5%, наспроти 10,1% во јуни 2008 година. И натаму најголем дел, односно 71% од остварената стапка на инфлација, се должи на повисоките цени на храната. Позитивен сигнал претставува забавувањето на годишната базична инфлација, од 3% на 2,8%. Во доменот на економската активност, индустриското производство забележа интензивен годишен пораст од 12,2%, а главен носител на ваквиот пораст е преработувачката индустрија. Во првите пет месеци на 2008 година продолжи продлабочувањето на дефицитот во тековната сметка, главно генерирано од растечкиот трговски дефицит. Најновите податоци за извозот и увозот за првите шест месеци на 2008 година укажуваат на побрза динамика на годишен раст на увозот (36,6%), наспроти растот на извозот (10,9%), и со тоа покажуваат натамошно проширување на трговскиот дефицит. Во рамки на банкарскиот сектор, за прв пат од почетокот на годината, во јули годишната стапка на раст на денарските депозити забележа интензивирање, зголемувајќи се од 21% во јуни на 22% во јули 2008 година, при што годишниот пораст на вкупните депозити на банките достигна 19,5% (18,7% во претходниот месец). Кредитната активност на банките во јули продолжи да расте со незначително забавено темпо (годишен раст од 41,9%, наспроти 42,1% во претходниот месец). Во доменот на каматната политика на банките, во јуни 2008 година, за прв пат од почетокот на годината, е регистриран умерен пораст на активната каматна стапка на банките. Така, просечната пондерирана каматна стапка на денарските кредити за сите рокови и сектори во јуни 2008 година изнесува 9,7% (9,6% во претходниот месец), а воедно и просечната пондерирана каматна стапка на денарските депозити за сите рокови и сектори се зголеми за идентичен 0,1 процентен поен и изнесува 5,8%.
Советот ја разгледа и ажурираната проекција на Народната банка за економските движења до крајот на годината. Врз основа на досегашните трендови и променетите претпоставки на проекцијата се очекува: солиден економски раст од најмалку 5,5%, продолжување на трендот на забавување на инфлацијата, но и значително зголемен дефицит на тековната сметка на билансот на плаќање пред s? поради влошениот трговски дефицит и послабите приватни трансфери во споредба со мината година. Се очекува влошувањето на тековната сметка да биде делумно надоместено со подобри движења на капитално-финансиската сметка, главно поради директните инвестиции, што би требало да доведе до благо зголемување на девизните резерви. Сепак, како ризици за овие очекувања до крајот на годината остануваат: движењата на цените на енергентите, на металите и на храната на меѓународните пазари, како и некои цени кои се во надлежност на регулаторните тела.
Кабинет на гувернерот