Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата осма седница, на која беа презентирани макроекономските движења, содржани во најновата Месечна информација (04/2010).
Скопје, 27.05.2010 година
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата осма седница, на која беа презентирани макроекономските движења, содржани во најновата Месечна информација (04/2010).
Од аспект на индикаторите за економската активност, индустриското производство во март 2010 година забележа месечен пораст, но сепак беше пониско во однос на претходната година за 11,2%. Со тоа, обемот на индустриско производство во првото тримесечје имаше годишен пад од 9,4%. Кај останатите сектори од економијата, подобрување во февруари се забележува кај трговијата и кај телекомуникациите, а влошување кај градежништвото. Трендот на благ пораст на цените продолжи и во април 2010 година, кога месечната инфлација достигна 0,6%, пред сe заради сезонските ефекти. На годишно ниво, инфлацијата во април изнесуваше 1,4% рефлектирајќи го во најголем дел еднократниот пораст на цените на електричната енергија и парното греење од почетокот на годината, како и повисоките увозни цени на нафтата. Во банкарскиот сектор, во март 2010 година се забележува прилагодување на каматната политика на банките на постабилниот амбиент и на намалувањето на основната каматна стапка на НБРМ. Така, просечната пондерирана камата на денарските кредити во март изнесуваше 9,8%, наспроти 10% во претходниот месец. Воедно, во април продолжи проширувањето на депозитната база на банките, со годишен раст на депозитите од 12,3% (наспроти 11,5% од претходниот месец), при поинтензивен пораст кај денарските депозити. Во услови на поголемо олеснување на услови на кредитирање и проширување на изворите на финансирање, умерено заживување се забележува и на кредитниот пазар. Годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 3,3% (за споредба, во март годишната стапка на раст изнесуваше 2,7%), воден пред сe од растот на кредитирањето на корпоративниот сектор (годишната стапка на раст на кредитите на претпријатијата во април изнесува 5%). Во однос на крајот на претходната година, вкупните кредити на крајот на април се повисоки за 2,5%, при што доминантен придонес за ваквиот раст (86,1%) имаат кредитите одобрени на претпријатијата. Податоците за април укажуваат на релативно стабилни трендови на девизниот пазар. Иако НБРМ интервенира со незначителна нето-продажба на девизи во текот на април, интервенциите од почетокот на годината до крајот на април резултираа со нето-откуп на девизи. Притоа, девизните резерви на крајот на април изнесуваат 1.644 милиони евра, бележејќи раст во однос на крајот од претходната година за околу 46 милиони евра, како резултат на нето-откупот на девизниот пазар и курсните разлики. Движењата на девизниот пазар кореспондираат со трендовите во надворешниот сектор. Така, стеснувањето на дефицитот во трговската размена и порастот на нето-приливите од приватни трансфери продолжи и во првите два месеца на 2010 година, заради што и дефицитот во тековната сметка во овој период се сведе на 0,9% од БДП, што е пониско за 2,3 процентни поени во однос на истиот период од претходната година. Дефицитот во тековната сметка целосно беше покриен од нето-приливите на капитално-финансиската сметка, коишто сепак на годишна основа забележаа пад од 11,9%. Поволните движења во надворешниот сектор продолжија и во март, кога трговскиот дефицит повторно забележа намалување, при истовремен раст на приватните трансфери.
Советот донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за менувачки работи. Со оваа одлука се врши усогласување со одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам, кој стапи во сила на 04.05.2010 година. Исто така, со Одлуката се воведуваат и одредби преку кои треба да се зголеми ефективноста на контролната функција на Народната банка.
Советот донесе Одлука за начинот на водење на евиденцијата за секоја трансакција на брз трансфер на пари. Со оваа одлука се заменува Одлуката со која претходно беше регулирана оваа материја. Одлуката го уредува начинот на водење на евиденција за секоја трансакција на брз трансфер на пари. Најзначајните промени во новата одлука се однесуваат на усогласувањето со одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам, како и на бришењето на одредбите со кои се уредуваше содржината на образецот за евиденција на трансакциите за брз трансфер на пари (1БТП) и на воведувањето одредби со кои на гувернерот на Народната банка му се дава право да ја уреди оваа материја со упатство.