Денес, 26.12.2003 година, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која ја разгледа и усвои Одлуката за целите на монетарната политика за 2004 година и Проекцијата на монетарната политика за 2004 година
Скопје, 26.12.2003 година
Соопштение на НБРМ
Денес, 26.12.2003 година, Советот на Народна банка на Република Македонија одржа седница на која ја разгледа и усвои Одлуката за целите на монетарната политика за 2004 година и Проекцијата на монетарната политика за 2004 година.
Основна цел на монетарната политика на Народната банка во 2004 година е одржување на стабилноста на цените. Мерките на монетарната политика ќе бидат насочени кон постигнување на проектираната стапка на инфлација од 2,8% и одржување на стабилен реален девизен курс на денарот во однос на еврото, како посредна цел на монетарната политика. Како и досега, монетарната политика на Народната банка во 2004 година ќе се остварува во координација со фискалната политика, особено преку претстојното започнување со емисија и развој на пазарот на државни хартии од вредност.
Врз основа на очекувањата за поинтензивен раст на извозот (9%) во однос на растот на увозот (4%) во 2004 година, како и суфицитот во другите трансакции во платниот биланс, во 2004 година се очекуваат поволни движења на девизниот пазар, што ќе овозможи одржување на девизните резерви на Народната банка на ниво од четиримесечен увоз.
Во 2004 година се очекува да продолжи трендот на пораст на вкупните депозити на приватниот сектор кај банките, кој на меѓугодишно ниво би достигнал 13,8%, пред сi заради повратената доверба во банкарскиот систем и укинувањето на ограничувањето за располагање со девизи од страна на правните лица.
Монетарната политика на Народната банка во 2004 година ќе продолжи да ја поддржува макроекономската политика на Република Македонија, без притоа да го загрозува остварувањето на основната цел - ценовната стабилност. Динаминизирањето на економскиот раст во 2004 година ќе биде поддржано со интензивирање на кредитната активност на банките. Во овој контекст, годишниот пораст на вкупните кредити на банките кај недржавниот сектор е проектиран на ниво од 9%. Во насока на интензивирање на кредитирањето на приватниот сектор се очекува да делуваат зголемениот депозитен потенцијал на банките и можноста за одобрување на девизни кредити, при понатамошно намалување на каматните стапки.
Советот на Народната банка направи и осврт на остварувањето на монетарната политика во 2003 година и притоа констатираше дека Народната банка целосно ги исполни целите и задачите на монетарната политика и имаше клучен придонес во одржувањето на макроекономската стабилност, зголемувањето на довербата во финансискиот систем и обезбедувањето услови за поттикнување на економскиот раст во Република Македонија. Постигнатите резултати се евидентни и потврдуваат дека Република Македонија во монетарната сфера се приближува кон перформансите на земјите членки и земјите кандидати за влез во Европската Унија:
Одржана е ценовната стабилност во економијата, како основна цел на монетарната политика, при што, заклучно со ноември 2003 година е остварена просечна стапка на инфлација од 1,1%, а девизниот курс на денарот спрема еврото беше перманентно стабилен во текот на целата година;
Стабилноста на цените и на девизниот курс на денарот спрема еврото е постигната со истовремено релаксирање на монетарната политика што се почуствува преку постепеното намалување на каматните стапки кои достигнаа историски најниско ниво. Есконтната стапка на Народната банка од 10,7% на крајот на 2002 година е намалена на 6,5% во 2003 година. Каматната стапка на ломбардните кредити од 23% на крајот на 2002 година е намалена на 14% во 2003 година. Каматната стапка на благајничките записи од 15% на крајот на 2002 година се намали на околу 6% во декември 2003 година;
Намалувањето на каматните стапки на Народната банка беше следено од комерцијалните банки преку умерено, но општо намалување на нивните каматни стапки. Просечната каматна стапка на банкарските кредити од 17,71% на крајот на 2002 година опадна на 14,61% во декември 2003 година. Просечната каматна стапка на пазарот на пари од 14,36% на крајот на 2002 година двојно се намали и во ноември 2003 година изнесуваше 7,25%;
Девизните резерви достигнаа износ од 890 милиони долари што во однос на крајот на 2002 година претставува пораст од 156 милиони долари. Постојаното присуство на Народната банка на девизниот пазар, преку редовните интервенции со откуп на вишокот или задоволување на побарувачката за девизи, овозможи економските субјекти своите активности да ги одвиваат во услови на стабилен девизен курс и непречена ликвидност на плаќањата спрема странство;
Позитивните движења во реалниот сектор, зголемената надворешно трговска размена, а посебно повисокиот пораст на извозот од 20,9% во однос на увозот од 16,7% во првите десет месеци од 2003 година, суфицитот во услугите и останатите тековни трансакции во платниот биланс кои финансираат околу 70% од трговскиот дефицит, потпомогнати со мерките на монетарната политика, резултираа со зголемување на вкупниот девизен потенцијал на Република Македонија кој кон крајот на октомври 2003 година изнесуваше 1,6 милијарда долари;
Вкупните депозити кај банките на 31.10.2003 година беа за 16,9% поголеми во однос на крајот на 2002 година, што несомнено упатува на зголемување на довербата во банкарскиот систем на Република Македонија и супервизијата на Народна банка. Во рамки на вкупните депозити, денарските депозити пораснаа за 10,7%, а девизните за 22,9%;
Редовната стабилност, намалувањето на каматните стапки, порастот на депозитите и законските промени со кои се овозможи банките девизниот потенцијал да го стават во функција на кредитирање на домашната економија, доведоа до пораст на вкупните кредити на банките на приватниот сектор. Имено вкупните кредити на банките кај приватниот сектор на 31.10.2003 година беа за 9,5% поголеми во однос на 31.12.2002 година, во чии рамки денарските кредити забележаа пораст од 11,5%.
Покрај претходно наведеното, Советот на денешната седница констатираше и дека Народната банка во 2003 година целосно и навремено ги исполнила своите обврски произлезени од аранжманите на Република Македонија склучени со Меѓународниот Монетарен Фонд, Светската Банка и Европската Унија. Со тоа, Народната банка во 2003 година дополнително придонесе за одржување на макроекономската стабилност и поттикнувањето на економскиот раст, за спроведување на реформските процеси и зацврстување на меѓународната позиција на Република Македонија, како и за навремено и целосно искористување на меѓународната макрофинансиската поддршка.
Советот на НБРМ на денешната седница го донесе и финансискиот план на Народна банка на Република Македонија за 2004 година.
Кабинетна гувернерот