Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 26.09.2007 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот донесе Одлука со која се пропишува нов Сметковен план за банките, а беше информиран и за Одлуката за Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи, како и за Упатството за Моделот на финансиски извештаи за банките, донесени од гувернерот. Со овој сет на регулатива се востановува единствена рамка за сметководственото и финансиското известување на банките и штедилниците во Република Македонија преку пропишување на основните принципи и одредби за сметководствениот третман на трансакциите кои произлегуваат од активностите на банките во Република Македонија, како и принципите и одредбите за изготвување на финансиските извештаи на банките и штедилниците. Новата сметководствена рамка за банките и штедилниците е во линија со меѓународните стандарди за финансиско известување и меѓународните сметководствени стандарди.
Потребата за донесување на сметководствената рамка за банките и штедилниците произлегува од Законот за банките. Со сметководствената рамка се овозможува поголема унифицираност, транспарентност и релевантност на финансиските извештаи на банките и штедилниците. Со неа ќе се унапреди и анализата на финансиската состојба и резултатите од работењето на банките и штедилниците, покрај другото и со зголемената споредливост во и надвор од државата. Сметковниот план, Методологијата и Финансиските извештаи ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2009 година. Одложената примена произлегува од потребата банките и штедилниците да имаат време да го усогласат водењето на трговските книги со новата сметководствена рамка, со особен осврт на интерните акти и процедури и на информациските и апликативните системи.
Советот го разгледа Кварталниот извештај за вториот квартал од 2007 година и воедно беше информиран за најновите макроекономски движења во македонската економија. Во периодот јануари-август 2007 година е остварена просечна стапка на инфлација од 1,1%, при што во август беше регистрирано умерено интензивирање на инфлацијата заради повисоките цени на прехранбените производи условени од сушниот период. До крајот на годината инфлацијата главно ќе зависи од движењето на цените на исхраната како доминантна компонента на инфлацискиот индекс, при што просечната стапка на инфлација во 2007 година се очекува да изнесува околу 2%. На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, при што реализираниот нето откуп на девизни средства од страна на НБРМ овозможи пораст на девизните резерви, во услови на значен одлив од девизните резерви за предвремена отплата на јавниот долг кон странство. Така, со состојба на 14.09.2007 година бруто девизните резерви се повисоки во однос на крајот на претходната година за 97 милиони евра. На последната аукција на благајнички записи на НБРМ одржана на 19.09.2007 година е остварена просечна каматна стапка од 4,72%. Движењата во банкарскиот систем укажуваат на натамошен пораст на депозитите и кредитите на банките кај приватниот сектор. Имено, во август 2007 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на банките се повисоки за 33,3%, при истовремен пораст на вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор за 36,2%.
Во насока на усогласување на подзаконската регулатива со новиот Закон за банките, Советот донесе нова Одлука за доставување на податоци за каматните стапки на банките на примените депозити и на дадените кредити, која суштински е идентична во однос на постојната одлука.
Советот на Народната банка на денешната седница го усвои Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во првото полугодие од 2007 година.
Кабинет на гувернерот