Советот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ) денес одржа седница на која разгледа и усвои информации за прашања од негова надлежност
Скопје, 26.04.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ) денес одржа седница на која разгледа и усвои информации за прашања од негова надлежност.
Усвојувајќи го Годишниот извештај за 2005 година Советот констатираше дека и во 2005 година, НБРМ ја одржа ценовната стабилност, како нејзина основна законски утврдена цел, при што е остварена просечна годишна стапка на инфлација од 0,5%. Преку одржување на ценовната стабилност, а имајќи го предвид значителниот годишен пораст на вкупните депозити на приватнот сектор за 18,3% и на кредитите на банките на приватниот сектор за 20,5%, НБРМ придонесе за остварениот реален пораст на БДП од 4%.
Во текот на 2005 година НБРМ ја водеше монетарната политика во поповолен макроекономски амбиент, манифестиран преку позитивни остварувања во екстерниот сектор (намалување на дефицитот во тековната сметка од 7,7% на 1,3% од БДП), дисциплинирана фискална политика (0,2% суфицит во консолидираниот државен буџет) и стабилен банкарски систем. Високиот прилив на приватни трансфери и зголемената извозна активност и во 2005 година доведоа до висок нето-откуп на девизи од девизниот пазар и соодветно зголемување на бруто девизни резерви. Прудентната фискална политика и поволните движења на девизниот пазар создадоа предуслови за значително намалување на каматната стапка на благајничките записи од 10% на 8,4% на крајот на 2005 година
Советот ги разгледа и макроекономските движења во првите три месеци на 2006 година. Просечната стапка на инфлација во периодот јануари - март 2006 година изнесува 2,7%, што е во согласност со проектираниот пораст и е детерминирана од зголемувањето на акцизата и дополнителните давачки на цигарите во јануари 2006 година. Во јануари 2006 година е остварен суфицит во тековната сметка од 6,4 милиони евра, наспроти остварениот дефицит во истиот месец од претходната година. Најголем придонес за остварениот суфицит во тековната сметка имаат зголемените приливи од приватни трансфери.
Континуираниот тренд на проширување на депозитната база на банките се задржа и во март 2006 година. Така, годишната стапка на пораст на вкупните депозити изнесува 19,1% укажувајќи на натамошен пораст на штедењето и зајакната доверба во банкарскиот сектор. Повисоката депозитна база придонесе за одржување и интензивирање на кредитната активност на банките, така што во март 2006 година вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор се повисоки за 21% во однос на март 2005 година. Каматната стапка на аукциите на благајничките записи на НБРМ на крајот на март 2006 година изнесува 6,4%, додека во април продолжи трендот на намалување и таа се сведе на 6,17%.
Усвојувајќи го Годишниот извештај за управување и ракување со девизните резерви, Советот заклучи дека при ракувањето со девизните резерви, Народна банка и во текот на 2005 година ги почитуваше принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност. Во согласност со принципот на сигурност, девизните резерви беа пласирани кај централни банки на земји-членки на OECD, меѓународни финансиски институции и комерцијални банки резиденти на земји-членки на OECD. Имајќи ги предвид политиката на девизниот курс и потребата од навремено и редовно извршување на обврските на Република Македонија кон странство, еврото имаше значајна улога во валутната структура на девизните резерви. Истовремено, во согласност со принципот на ликвидност, најголемо учество во структурата на пласманите по рочност, имаа средствата кои се веднаш расположливи и чиј рок на достасување е до седум дена. Принципот на рентабилност се обезбедува преку максимизирање на приносот реализиран од ракувањето со девизните резерви, имајќи ја предвид сигурноста и ликвидноста на пласманите. Нето-приходот од ракувањето со девизните резерви во 2005 година, изнесува 15,19 милиони евра.
Советот донесе Одлука за уредување на начинот на водењето и содржината на Единствениот регистар на иматели на сметки. Со оваа одлука се пропишуваат податоците за една сметка кои за да може да врши плаќања преку неа, носителот на платен промет треба да ги достави до Единствениот регистар на иматели на сметки. Исто така, со оваа одлука се пропишува и начинот на водење на овој регистар, кој согласно со закон се води во клириншка куќа. Со цел носителите на платен промет да ги прилагодат своите системи и да ги соберат податоците за веќе отворените сметки, оваа Одлука ќе започне да се применува од 01.10.2006 година.
Кабинет на гувернерот