Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 25.12.2006 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот на НБРМ ја усвои Одлуката за целите на монетарната политика и монетарната проекција за 2007 година. Притоа, просечната годишна стапка на инфлација мерена преку трошоците на животот е проектирана во 2007 година да изнесува 3%. За одржување на ценовната стабилност, како основна цел на монетарната политика, и во 2007 година номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе се користи како номинална котва. За 2007 година проектирано е главните варијабли да го задржат постојниот тренд на движење. Така, на годишна основа примарните пари треба да се зголемат за 13,8%, најшироката парична маса М4 за 23,1%, а кредитите на банките на приватниот сектор за околу 21%. Проекцијата се базира на очекувањата за приливи по основ на приватни трансфери, одржување на постојната склоност кон штедење и натамошно јакнење на довербата во банкарскиот систем и продлабочување на финансиската интермедијација.
Воедно, Советот на НБРМ го разгледа Извештајот за третиот квартал од 2006 година и беше информиран за најновите макроекономски движења во Република Македонија. Во периодот јануари - ноември 2006 година е остварена просечна стапка на инфлација од 3,2%, која главно е детерминирана од зголемувањето на акцизите на цигарите на почетокот на годината, повисоките цени на производите за исхрана и на енергентите. На девизниот пазар продолжуваат поволните движења, што овозможува континуиран пораст на бруто девизните резерви врз основа на нето откуп на девизи од страна на НБРМ. Во услови на високи приливи во економијата од приватни трансфери од странство, и покрај зголемениот трговскиот дефицит, на тековната сметка од платниот биланс во периодот јануари - септември 2006 година е регистриран суфицит од 57,5 милиони евра (наспроти дефицитот од 38 милиони евра во истиот период од минатата година), што делумно се должи на тоа што во набљудуваниот период од 2006 година не е исплатена дивиденда од страна на Телеком. На последната аукција на благајнички записи е остварена просечна каматна стапка од 5,71%. Во ноември дојде до дополнително интензивирање на растот на вкупните депозити и вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор. Така, во ноември 2006 година во однос на истиот месец од претходната година, вкупните депозити на приватниот сектор кај банките се повисоки за 27,1%, а вкупните пласмани на банките одобрени на приватниот сектор за 28,8%.
Советот донесе Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот на банките. Покрај традиционалните финансиски активности, банките согласно законската рамка, можат да извршуваат и други видови финансиски активности (тргување со хартии од вредност, тргување со благородни метали, тргување со финансиски деривативи и сл.) Оттука, покрај кредитниот ризик, како доминантен ризик, банките се соочуваат и со низа пазарни ризици, како што се ризикот од промена на каматните стапки, ризикот од ценовни промени на хартиите од вредност наменети за тргување, ризикот од промена на девизниот курс и др. Со оваа Одлука се предвидува интегриран пристап во утврдувањето на потребното ниво на капитал на банките за покривање на кредитниот ризик, курсниот ризик и останатите видови на пазарни ризици. Со донесувањето на оваа регулатива ќе биде имплементирана во целост Капиталната спогодба (БАЗЕЛ 1).
Советот донесе Одлука за евидентирање на кредитните работи со странство и Одлука за начинот и условите за поднесување извештаи за склучени кредитни работи. Со овие одлуки се врши намалување на администрирањето од страна на НБРМ и намалување на оптоварувањето на економските субјекти врз основа на обврските за известување. Имено, резидентите се ослободуваат од обврската за поединечно известување за отворените обврски/побарувања по комерцијално работење кои не се платени/наплатени во рок од една година. Со тоа истовремено се овозможува и поедноставување на постапката во платниот промет со странство за овие трансакции, кои добиваат третман на наплати и плаќања по комерцијално работење (стоки и услуги). Исто така, со овие одлуки се врши намалување на задолжителната документација која се доставува при поединечното известување за кредитните трансакции со странство.
Советот го разгледа и усвои Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народна банка на Република Македонија за 2006 година. Советот оцени дека Програмата за 2006 година по обем и квалитет успешно е реализирана. Во извршувањето на Програмата, покрај целосното остварување на редовните тековни задачи, Народна банка беше фокусирана и на реализирање на проекти од доменот на монетарната политика и девизниот курс, структурните мерки за зголемување на ефикасноста во управувањето со ликвидноста во банкарскиот сектор, јакнењето на стабилноста, сигурноста, ефикасноста и финансиската интермедијација на банкарскиот систем, реформските активности за премин кон супервизија која е повеќе ориентирана кон ризиците како и кон извршување на проекти за натамошно развивање на институционалниот капацитет на Народната банка. Советот оцени дека Народната банка во текот на 2006 година оствари и други активности кои не беа иницијално содржани во Програмата.
Советот ја донесе Програмата за работа на Народна банка на Република Македонија во 2007 година, која опфаќа бројни мерки и активности што се надополнување на редовните активности. Активностите специфицирани во Програмата треба да овозможат натамошно подобрување на дизајнирањето и извршувањето на монетарната политика и продолжување на реформите насочени кон подобрување на амбиентот за работење на банкарскиот сектор.
Советот ги разгледа и усвои Финансискиот План и Планот за инвестиции на Народната банка на Република Македонија за 2007 година.
Кабинет на гувернерот