Советот на Народна банка на Република Македонија на 25.12.1997 година ја одржа својата LXII-та седница, на која се дискутираше за повеќе прашања од монетарната и девизната сфера.
Скопје, 25.12.1997 година
Советот на Народна банка на Република Македонија на 25.12.1997 година ја одржа својата LXII-та седница, на која се дискутираше за повеќе прашања од монетарната и девизната сфера.
Согласно проекцијата на монетарната политика за 1998 година, Советот на Народна банка на Република Македонија донесе Одлука денарските пласмани на банките и штедилниците одобрени на субјекти од приватниот и општествениот сектор и на граѓаните, да се зголемат до 2,2% на крајот на јануари, до 1,2% на крајот на февруари, и до 0,6% на крајот на март во однос на состојбата на тие пласмани на 30.11.1997 година.
Истовремено, за да се елиминира постоењето на неискористени кредитни лимити од поодделни банки, а во услови кога постои интерес за повисока кредитна активност кај банките кои целосно ги искористиле своите кредитни лимити, се предвидува да постои можност за разменување на неискористениот дел од дозволениот пораст на денарските пласмани помеѓу банките. Доколку и покрај тоа остане неискористен значаен дел од дозволените рамки на пораст на денарските пласмани, Народна банка на Република Македонија ќе изврши распределба меѓу банките на неискористениот дел од правото на дозволен пораст.
Воедно, Советот на Народна банка на Република Македонија ги разгледа и усвои предлог-мерките кои треба да се превземат за намалување на високото учество на готовите пари во паричната маса и во севкупните стоковно-парични трансакции. За таа цел, Советот на Народна банка на Република Македонија ги дефинираше следните мерки: организирање на интегрален проект за воведување и афирмација на современите инструменти за безготовинско плаќање; зголемување на опфатот на услугите кои ќе се плаќаат со безготовински инструменти на плаќање; интензивирање на реформите во платниот промет, како и ревидирање на постојната законска регулатива во правец на ограничување на износот кој што правните лица можат да го плаќаат со готови пари. Бидејќи дел од предложените мерки не се во надлежност на Народна банка на Република Македонија, Советот донесе Одлука Централната банка да ги достави предложените мерки до релевантните институции (Завод за платен промет, Министерството за финансии, Управа за јавни приходи). Истовремено, за предлог мерките што се од доменот на работење на финансиските институции, Советот предложи Народна банка на Република Македонија заедно со Здружението за банкарство и осигурување да организира средба на која ќе се договорат активности за нивна операционализација.
На крајот, Советот ја разгледа и одобри Информацијата за пласирање на дел од девизните резерви во државни хартии од вредност преку реномирани странски финансиски институции. Притоа, беше констатирано дека основни критериуми при пласирањето на девизните резерви од страна на Народна банка на Република Македонија се сигурноста и ликвидноста на тие пласмани. Врз овие основи, девизните резерви на Центалната банка се пласирани во странски банки кои што се рангирани меѓу најдобрите 200 банки во светот, како и во банки чии акционери се и банки од Република Македонија, а со кои во изминатите години е развиена интензивна финансиска соработка.
Советот ја усвои и Одлуката за привремено финансирање на Народна банка на Република Македонија во периодот од 1 јануари 1998 година до донесувањето на финансискиот план на Народна банка на Република Македонија за 1998 година.
Совет на Народна банка на Република Македонија