Скопје, 25.10.2005 година
Соопштение на НБРМ
Денес, 25.10.2005 година, во Дубровник, делегација на Народна банка на Република Македонија составена од гувернерот Петар Гошев, вицегувернерот Ванчо Каргов и советник-координаторот на гувернерот, Зоран Јовановски, учествуваат во работата на 5-та регионална конференција на ”Еуромани” за југоисточна Европа за финансии и инвестиции. Во рамките на конференцијата, гувернерот Петар Гошев одржа тркалезна маса на тема: "Зошто да се инвестира во Република Македонија". Меѓудругото, гувернерот Гошев посочи на следните поволности за инвестирање во Република Македонија:
1. Уставната и законската гаранција на странските инвестиции и даночните предности и олеснувања;
2. Повеќегодишната макроекономска стабилност изразена преку ниската стапка на инфлација, стабилниот девизен курс, фискалната дисциплина и политиките насочени кон унапредување на условите за понатамошно одржување на макроекономската стабилност;
3. Реализираните тековни реформи за унапредување на бизнис окружувањето изразено преку минимизирано влијание на државата врз приватниот сектор, либерализација на пазарот на работната сила, олеснување на влезот и излезот од бизнисот, понатамошно јакнење на правата на доверителите, зголемување на институционалниот капацитет и подобрување на финансиската интермедијација;
4. Ориентацијата и активностите за целосна меѓународна интеграција, во чии рамки, Република Македонија постигна висок степен на политичка, социјална, економска и институционална усогласеност со земјите членки на Европската Унија, НАТО, СТО и други и
5. Потврдата за позитивните процеси, перформанси и перцепции за идниот развој на земјата изразени преку подобрување на кредитниот рејтинг.
Покрај презентацијата, гувернерот Гошев, на тркалезната маса даваше одговори и објаснувања на конкретни прашања поврзани со можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија.
На конференцијата, која продолжува и утре, присуствуваат голем број високи државници, гувернери и министри од економската сфера од земјите членки на југоисточна Европа, како и високи претставници на потенцијалните инвеститори, меѓу кои и г-н Ричард Енсор, генерален директор на "Еуромани", Н.Е. Иво Санадер, премиер на Владата на Република Хрватска и Н.Е. Алфред Мојсиу, претседател на Република Албанија и други.
Кабинет на гувернерот